Германија не може да си дозволи да субвенционира енергија за индустријата на неодредено време, предупреди канцеларот Олаф Шолц, отфрлајќи го повикот на здружението на индустриски компании да ја заштити нивната конкурентност и да им гарантира долгорочна помош.
„Не може индустријата вечно да добива субвенции. Тоа не функционира во ниту една земја, така што не би функционирало ниту овде“, рече Шолц од економската конференција во Берлин.
„Мораме да се погрижиме да имаме евтин производствен капацитет (…)“, тврди канцеларот.
Планот на министерот за економија Роберт Хабек до крајот на деценијата да воведе субвенционирана цена од шест центи за киловат час (kWh) беше критикуван од министерот за финансии Кристијан Линднер, кој вели дека буџетот тоа не го дозволува.
Пред речиси една недела, здружението на германската индустрија (БДИ) ја повика владата да им обезбеди на компаниите долгорочна заштита од високите цени на енергијата, предупредувајќи на заканата за конкурентноста.
„BDI очекува владата брзо да излезе со план кој гарантира сигурно снабдување со енергија на долг рок, по меѓународно конкурентни цени“, велат од здружението.
Зелена енергија
Паралелно со брзото проширување на обновливите извори на енергија и зелената инфраструктура, потребни се долгорочни решенија за да се направи електричната енергија поатрактивна за компаниите и граѓаните, што би поттикнало трансформација, потенцираат оттаму.
Според нив, Владата треба да обезбеди и дополнителна краткорочна помош за компаниите кои се нашле во финансиски проблеми поради поскапувањето на струјата или може да ги очекуваат во иднина.
Постојните субвенции за новите технологии треба да се прошират и поедностават, а нивното финансирање да не го следи принципот на меѓусебно субвенционирање на индустриските сектори, посочи БДИ.
Сите информации за економско-енергетската криза во Македонија, регионот и светот можете да ги прочитате ТУКА.