Рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу во вторникот изјави дека 87.000 од 300.000 мобилизирани во Русија веќе се испратени во борбената зона во Украина.
На состанокот со воените началници во Москва, Шојгу рече дека регрутите, кои се пријавиле за воена служба како дел од руската кампања за регрутирање на две години, нема да учествуваат во руската „специјална воена операција“ во Украина.
„По дополнителна обука и борбена координација, во борбените области беа испратени 87.000 луѓе. Борбената координација на формираните единици завршува на полигоните. Главните напори се насочени кон обука на терен, способност за користење средства за комуникација, навигација и извидување. Во работата се вклучени повеќе од 3.000 инструктори кои стекнале борбено искуство за време на специјална воена операција“, рече тој.
Според него, сите војници кои го отслужиле воениот рок откако ќе бидат регрутирани ќе бидат вратени дома.
Шојгу истакна дека странските платеници сѐ уште учествуваат во војната на страната на Украина и дека во последните две недели околу 200 од нив загинале во борбите во зоната на конфликтот.
Тој истакна дека секојдневните воздушни напади на Русија го намалуваат воениот потенцијал на Украина, бидејќи ја погодуваат „критичната инфраструктура на непријателот“.
Според Шојгу, Киев одговара со бескрајни напади врз нуклеарната централа во Запорожје, места за евакуација и дистрибуција на хуманитарна помош.
Министерството за одбрана во вторникот го објави почетокот на есенското воено регрутирање во Русија, а годинава во армијата треба да се пријават 120.000 лица.
Русија претходно изврши делумна воена мобилизација, во рамките на која беа примени 300.000 регрути во армијата.
Во петокот Шојгу изјави дека делумната воена мобилизација е завршена, а во понеделникот портпаролот на министерството Игор Конашенков изјави дека сите мобилизациски активности се завршени, односно дека воените комесаријат престанале да издаваат и испраќаат известувања и се вратиле на рутинската работа.
Сите информации поврзани со најновите случувања со војната во Украина можете да ги прочитате ТУКА.