Украина денеска го слави својот национален ден и одбележува шест месеци откако Русија ја започна инвазијата на таа земја.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека ова е важен ден за Украинците, предупредувајќи ги своите сограѓани да се придржуваат до безбедносните правила и полициски час, имајќи предвид дека се можни руски напади.
Тој, исто така, рече дека на Денот на независноста планира да им додели награди на Украинците кои придонеле за силата на земјата.
Денеска се навршуваат 31 година од отцепувањето на Украина од Советскиот Сојуз.
„Планиравме бројни активности – нешто што ќе го нагласи патот што го поминавме досега, обединети – Украинците во Украина, на целата наша територија – слободни и привремено окупирани, бидејќи нашиот народ се бори насекаде“, рече Зеленски во вторникот вечерта.
САД предупредуваат дека се можни зголемени напади
Соединетите Американски Држави предупредија пред Денот на независноста дека Русија може да ја искористи годишнината за зголемени напади врз украинската цивилна инфраструктура и владини објекти.
САД ги повикуваат сите свои граѓани кои сѐ уште се во Украина да ја напуштат земјата.
Во вторникот, на седницата на Советот за безбедност на ОН, заменик-амбасадорот на САД во ОН, Ричард Милс, посебно ја предупреди Русија дека „светот ги следи потезите додека се приближуваме до Денот на независноста на Украина“.
„Ова не треба да се истакнува… ве молиме не бомбардирајте училишта, болници, сиропиталишта или домови“, рече тој.
„Ќе продолжиме да се залагаме за одговорност за сите прекршувања на меѓународното право.“
Русија ја започна својата инвазија на Украина на 24 февруари.