Шефот на НАТО до лидерите на Балканот: Смирете ги тензиите

Сподели со своите пријатели

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг предупреди дека на Западен Балкан се уште владеат тензии и ги повика лидерите од регионот да работат на смирување на ситуацијата.

Loading...

„Мојата главна порака е сите страни да се воздржат од запалива реторика и какви било дејства кои можат дополнително да ги ескалираат тензиите во регионот“, рече Столтенберг на прес-конференција ден пред состанокот на министрите за одбрана на земјите-членки на НАТО.

Шефот на Алијансата рече дека е неопходен дијалог за нормализација на односите меѓу Србија и Косово за да напредуваат страните.

„Кога станува збор за Косово, патот напред е дијалогот меѓу Белград и Приштина со посредство на Европската унија. Ги охрабрувам Приштина и Белград да се вклучат со добра волја во тој дијалог“.

Генералниот секретар на Северноатлантската алијанса потсети дека поради насилството минатата година на Косово, НАТО го зголеми своето присуство за околу 1.000 дополнителни војници.

На министерскиот состанок во Брисел ќе се разговара за воената помош за Украина во борбата против руската агресија, како и за подготовките за претстојниот самит што ќе се одржи во јули во Вашингтон, каде ќе се прослави 75-годишнината од најголемата воена организација.