Северна Кореја денеска соопшти дека нејзиниот претседател Ким Џонг Ун го надгледувал тестирањето на два типа ракети – едната способна да носи „супер голема конвенционална боева глава“ и другата, јавува АП, најверојатно наменета за нуклеарна боева глава, и дека Ким во таа прилика повика на зајакнување на конвенционалното оружје и нуклеарните способности.
Според АП, се верува дека тестовите се оние кои вчера ги објави јужнокорејската војска, а тоа беше втор пат во една недела Северна Кореја да тестира ракети.
„Тестовите за подобрување на способностите за оружје се неопходни поради сериозната закана што ја претставуваат надворешните сили за безбедноста на земјата“, рече КиМ, како што јави денеска севернокорејската новинска агенција КЦНА.
Севернокорејскиот претседател ја нагласи „потребата да се продолжи со зајакнувањето на нуклеарните сили и да се поседуваат најсилни воено-технички способности и супериорни офанзивни способности во областа на конвенционалното оружје“, пренесе КЦНА.
Вчерашните тестови вклучуваа нова тактичка балистичка ракета „Хвасонгфо-11-Да-4.5“, објави КЦНА, наведувајќи дека таа е дел од серијата балистички ракети со краток дострел што ги развива, а некои од нив се верува дека биле извезени во Русија.
Претставници на Киев и независни експерти рекоа дека има индиции дека некои од ракетите што Русија ги користела во војната против Украина се од севернокорејско производство.
Ракетата беше монтирана со супер голема конвенционална боева глава од 4,5 тони, а тестовите вклучија и стратешка крстосувачка ракета која беше надградена за борбена употреба.
Северна Кореја ги критикуваше воените вежби на јужнокорејската и американската војска, вклучително и големата вежба спроведена ова лето.
Сојузниците велат дека вежбите се од одбранбен карактер и имаат за цел да ја задржат подготвеноста против секоја „севернокорејска агресија“, пренесува Танјуг.