Секретарот на кумановското ВМРО ДПМНЕ има солидна смисла за хумор

Сподели со своите пријатели

Во одговорот на секретарот на мојата колумна, открив една нова работа за него. Секретарот на ОК на ВМРО ДПМНЕ има солидна смисла за хумор.

Loading...

11923228_1110768712284977_7196287392814546454_nВеднаш на почетокот, тој ја користи оваа своја вештина со тоа што имплицира дека СДСМ и нашите претходници биле склони на поедноставување на работите. Ова е смешно затоа што главната дневно-политичка мантра на неговата партија т.е. на Груевизмот како општествена чума се состои во поедноставување. Патриоти и предавници, христијани – муслимани, верници – неверници, со деца – без деца, наши – ваши, овакви – онакви. Основниот темел на владеењето на ДПМНЕ се поделбите и тоа не е никаква тајна и од тоа нема бегање.

Кога го читав вашиот одговор, си создадов слика дека стоите пред огледало и го прашувате кој е најубав и најдобар на свет, а огледалото ви одговара како во приказната. Престанете да бидете самобендисани како партија затоа што немате никаква основа за тоа.

За културата, и јас ќе бидам краток бидејќи доволно напишав во претходниот текст. Зошто секој потег на локалната самоуправа за организирање на концерти вие како партија и вашите советници го окарактеризирате како залудно потрошени пари. Точка.

Според тоа што го пишуваш секретаре понатаму, излегува дека градоначалникот не сака во Куманово да има економска зона, затоа што тој не би сакал да се промовира како некој кој овозможил вработување на стотици или илјадници наши сограѓани. Така ли е? Дали Вие таму се слушате што зборувате? Општина Куманово аплицираше со 2 проекти, средства обезбедени од ИПА фондови, замена на водомери и намалување на загуба на вода во вредност од 1 600 000 евра и ревитализација на канализациска мрежа во вредност од 5 милиона евра, средства обезбедени од ЕУ, а не од Владата на Република Македонија. За индустриската зона во Речица е кристално јасно дека најубавите парцели каде што требаше да никне индустриска зона, Владата ги продаде на приватни лица.

Еве, накратко, основни економски информации за да можат да разберат сите, дури и политолозите.

Куманово има оперативен буџет од 6 милиони евра годишно или пари кои градот може да одлучува каде ќе се трошат. Истиот таков буџет на Републиката е некаде меѓу 800 милиони евра и 1 милијарда евра. Од вториве пари, ние немаме видено ни едно ќораво евро веќе 10 години и покрај тоа што од нив полниме скоро 10 проценти. Што мислиш сега, Дејане, кој го кочи економскиот развој на Куманово и кој го има бетонирано неговиот провинциски статус? Ако случајно прашаш каде се отидени општинските пари, да те прашам: асфалтирани ли се улиците, Дејане? Цитирам: „Се поставува прашањето колку од 3.5-те милиони евра предвидени за изградба на водоводна и канализациска инфраструктура на Куманово, се искористени?“ Мојот одговор е дека не се 3.5 милиони евра, туку 5 милиони евра проекти изработени од ЈП Водовод кои ќе почнат со реализација од декември оваа година. Околу твоето прашање колку има аплицирано Општина Куманово во фондот од 20 милиони евра средства од ЕУ обезбедени за рурални средини, ќе ти наведам неколку проекти: Романовце, Горно Којнаре, Тромеѓа и Режановце. Информирајте се убаво пред да напишете нешто, немојте да бидете како мнозинство ваши советници кои читаат прашања напишани од некој друг на седниците на Советот.

Уште еднаш ќе ти напоменам, криминали расчистува МВР, секоја година ревизии и инспекции во Општина Куманово и Јавни Претпријатија криминал досега не утврдија. Во врска со наводниот криминал во Општината, сметам дека опасно се приближуваш кон клевета. Имај само една работа на ум, нема бесконечно партиските јуришници на ДПМНЕ да го имаат “сваровски” судството како заштита од правосуден прогон. Уште еднаш те упатувам ако имаш сознанија за каков било криминал да ги пренесеш на органите за прогон. Јави ѝ се на Гоца да ургира кај Марко како што ургираше за Трајко.

Loading...

Понатаму, кажуваш дека „обновувањето на културата на заедништво преставува благородна и обединувачка идеја“.

Дејане, твојата партија се погрижи во изминативе 10 години, директно или индиректно, да ги контролира сите општествени процеси. Што Ве спречува да ја обновите оваа култура? Зошто воопшто има потреба од ваквото обновување? Или сакаш да ни кажеш дека соживотот насекаде е толку многу идиличен освен во Куманово? Внимавај, секретаре, Куманово не е остров. Да беше каков било приоритет на оваа власт соживотот во Македонија, тоа ќе се почуствување и во Куманово.

Кога сме кај соживотот, да те прашам на каква војна мислеше шефот на кабинетот на премиерот, Протуѓер, кога си признаваше дека баш би сакал да ја има? И како таквата атмосфера во врвот на извршната власт мислиш дека влијае на соживотот и на обединувањето? Ако мислеше дека во оваа преписка и јас исто како тебе ќе се преправам дека ги немам слушнато снимените разговори, за жал, ќе морам да те разочарам.

Интимните размислувања на вашите високи чиновници за соживотот, на сите нас ни даваат право да се сомневаме околу тоа што всушност се случи во Куманово на 9-ти мај и сè додека нема независна истрага за настанот, тие сомневања ќе останат оправдани.

Целосен респект и поддршка за македонската полиција, но уште еднаш, како дозволија службите предводени од Мијалков (кој патем мораше да си оди по оваа „успешна акција“) терористите непречено да влезат во центарот на градот? Колку беше успешна акцијата, не знам, затоа што немам никаква допирна точка со безбедноста, ама немаш ни ти. Знам дека тие што пукаа, беа во Диво Насеље и дека наводно беа опколени, знам и дека 24 часа откако наводно беа опколени, полицијата се бркаше со нив во центарот на градот.

Уште еднаш, овој пат попросто. Заработените пари во странство, младите кумановци не ги вложуваат дома затоа што, Дејане, Куманово е во Македонија, во Грујова Македонија.

Цитирам: „За патриотизмот само ќе ви кажам дека нема ништо лошо во тоа да се сака својата земја. Нема тука никаков кукавичлук, во прашање е домашно воспитување и негување на љубовта кон својата земја.“ Ти, Дејане, учиш од луѓето што значи да се сака Македонија, а не тие од тебе. Учиш од оние 200.000 луѓе кои живеат со помалку од 40 денари на ден, од тие кои секој ден со децении одат на работа за слаба плата и во никакви услови, кои не можат да се обратат пред своите судови ако некој им земе нешто што е нивно и кои ги испратија своите деца надвор од Македонија за да не ја имаат истата судбина. Оди прашај ги тие 1000 луѓе од Тораница кои деновиве останаа без работа, што значи да ја сакаш Македонија. Прашај некој кој учествувал во НОБ, сè уште има живи. Пак ќе ви кажам, патриотизмот е последното прибежиште на кукавиците, ние сме АЛТРУИСТИ, си ја сакаме татковината и народот и сакаме соживот со сите други кои живеат во Република Македонија.

Оваа твоја реакција има една фабричка мана. Во неа ти се преправаш дека сега е, не знам, 2013 год. и дека твојот лидер, премиерот во заминување, сè уште го има пропагандниот углед на чесен, добар и работлив, пријател на обичниот човек, спасител за болните и сиромашните. Ама, Дејане, сега е 2015 год. и сега ние знаеме, прецизно во детали, каде, како и поради што се работени сите гадости за кои се изнаслушавме од челниците на твојата партија, лично. Од ова, нема бегање, нема криење. Велиш дека не било кукавичлук да се биде патриот. Проблемот, Дејане, е што ова е само парола. Патриотизмот во секојдневниот живот мора да има и содржина. Што е твојата патриотска содржина, Дејане? Дали е кукавичлук и израз на патриотизам да не смееш ништо да кажеш за разговорите? Не се тие тајна, Дејане. Има формирано цело обвинителство само за нив. Кажи нешто. Пиши.

Loading...

П.С. За менување дрес, темата е долга и баш не треба да биде поставувана од твоја страна (се разбираме, нели?). Сите наши кои во турското ропство сакале да избегнат плаќање на данок на Османлиите, се потурчувале. Ако сакаш, може да дискутираме и за тоа во некоја од наредните прилики.

Пишува: Емил Ташевски, член на ОО на СДММ Куманово