Се уште нема официјални информации за исходот по сослушувањето за “Титаник”

Сподели со своите пријатели

По целодневен распит во Основниот суд 1, судијата на претходна постапка донесе решение градоначалникот на Пустец, Едмонд Темелко еднаш неделно да се јавува во судот во Ресен, како еден од осомничените во случајот „Титаник“ за изборни нерегуларности, јавува Макфакс.

Оваа информација официјално е потврдена од Основниот суд 1, но засега нема информации дали е одреден притвор за останатите осомничени во овој случај.

Во Основниот суд Скопје 1 ноќеска, освен Темелко се појави и поранешниот Министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески кој давал исказ пред судија на претходна постапка како еден од првоосомничените за изборните измами.

По распитот, утрово околу 3.30 часот Јанакиески со своите адвокати заминале со приватно возило и не дале никаква изјава за медиумите кои го чекаа исходот од постапката.

Исто како и Јанакиески, и Темелко го напуштил судот со приватно возила.

Дел од медиумите веќе јавуваат дека Судот ги отфрлил предлозите за притвор на Специјалното јавно обвинителство за сите осум лица, осомничени за случајот за изборни манипулации.

Во судот ноќеска медиумите не ја забележаа поранешната Министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, а не бил забележан ниту секретарот на Владата, Кирил Божиновски.

Освен за овие, тројца високи функционери од ВМРО – ДПМНЕ и градоначалникот на Пустец, Темелко, Специјалното обвинителство побара притвор и за уште четири други лица.

„Титаник“ е прв случај кој го отвори Специјалното обвинителство, според кое осомничените направиле целосна криминализација на изборниот процес, со незаконско издавање лични карти и вметнување во избирачкиот список на лица кои по никој основ не смеат да бидат, пренесува Макфакс

Извор: Макфакс

Loading...