Хеликоптер МИ-8 со 16 лица се урна во четвртокот рано наутро во Камчатка, полуостров на рускиот Далечен Исток, соопшти службата за итни случаи, пренесе агенцијата Хина, повикувајќи се на Ројтерс.
Новинската агенција Интерфакс објави дека најмалку седуммина се преживеани во тешкото слетување на хеликоптерот на полуостровот Камчатка, додека според новинската агенција ТАСС, девет лица ја преживеале несреќата.
Хеликоптер со 13 патници и тројца членови на екипажот превезувал туристи од Москва и Санкт Петербург, јави агенцијата РИА.
Според таа агенција, хеликоптерот се урнал при слетување во Курилското Езеро, во природниот резерват Кронотски.
Четириесет спасувачи и нуркачи се на терен, а руските агенции наведуваат дека операциите за пребарување и спасување сѐ уште се во тек.
Рускиот истражен комитет, кој е надлежен за истрага на несреќи на авиони и хеликоптери, објави дека е отворена истрага за можно кршење на правилата за безбедност на воздухот.
РИА пишува дека областа каде што се случила несреќата е достапна само за хеликоптери, и дека густата магла ги отежнува спасувачките операции.
Камчатка е голема територија со малку жители, но е привлечна за туристите поради пејзажот и вулканите.