Се уредува Градскиот парк во Куманово

Сподели со своите пријатели

Градскиот парк кај автобуската станица во Куманово од денеска ќе добива нов лик. Екипи на Јавното претпријатие „Чистота и зеленило“ активно работат на уредување на оваа зелена површина во градот, со цел во летниот период кумановци да имаат можност да уживаат во чистиот и свеж воздух.

Веќе се засадени нови дрвја, а следните три дена се очекува да се уреди тревата во паркот, по што ќе започне и цветното разубавување на оваа урбано катче.

– Планираме отварање на нови цветни површини низ градот, се уште може да се сади низ градот, имаме повеќе цвеќе во градот и се надеваме дека градот навистина ќе биде поубав. Тоа ни е целта на сите вработени во јавното претпријатие, а исто така поставуваме и нови контејнери веќе две недели, така ќе се продолжи и во наредниот период, ќе се постават новите, ги заменуваме со старите кои ги репарираме и повторно ги изнесуваме низ градот онаму каде што имаме потреба, а навистина имаме потреба од поголема количина на контејнери за смет, се надевам дека граѓаните ќе ги почитуваат правилата на однесување во градот, што значи на сметот треба да му биде местото во контејнери, во корпи за смет, изјави Благица Јовановска, раководител на Техничко-технолошки сектор.

Паралелно со цветното уредување на градскиот парк ќе се врши и поставување на нови клупи и канти за смет, а дел од оваа урбана опрема ќе биде поставена и во паркот Соколана.

– Се покануваат граѓаните во секој случај паркот е за нив, да се прошетаат, да го посетат и овој парк, навистина е преубаво, воздухот е чист и дрвјата, имаме и самите може да забележите доста насадени нови садници, така да се надеваме дека и со нови детски играчи ќе можат да уживаат луѓето во овие жешки денови во парковите низ градот, иако можам да кажам дека навистина не се доволно за целиот град, ќе треба и сме во размислување да формираме нови паркови, сето тоа се работи во соработка со општината и се надевам дека навистина овој град треба да заличи на една урбана средина.

Јавното претпријатие „Чистота и зеленило“ деновиве работи и на уредување на тревните и цветни површини околу булеварите, се со цел како што вели Јовановска, да грмушките да не им пречат ниту на пешаците, ниту на сообраќајот.

Што се однесува на запуштените приоди пред дел од зградите на булеварот „Октомвриска револуција“, раководителката на техничко-технолошкиот сектор на јавното претпријатие, Благица Јовановска, додава дека тоа  е обврска на самите станари, да го исчистат на своја рака или да платат на јавното претпријатие за вршење на ваква дејност.

Leave a Reply