СДСМ: Лажните извештаи на ДЗС се очајни обиди за прикривање на економското пропаѓање

Сподели со своите пријатели

Откако вчера Државниот завод за статистика се пофали со извештај во кој се наведува рекордна ниска стапка на невработеност, денеска реакција пристигнува од седиштето на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија.

И на студент на прва година на економски студии му е совршено јасно дека со пад на преработувачката индустрија од  2% на годишно ниво, пад на земјоделието за 0.7%, раст на бруто инвестициите од 0.1%, ако воопшто може да се нарече раст, е невозможно да создадете амбиент за креирање на работни места – стои во соопштението за јавноста.

Од СДСМ додаваат дека крунски доказ за тоа е исторски најголемиот  дефицит на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување во Македонија во 2015 година.

Ако во 2008 година дефицитот на Пензискиот фонд изнесувал 165 милиони евра,во 2014 година истиот бил 369 милиони евра. За износот на буџетската дупка во 2015 година оставаме Груевски и Ставрески да ја објават како нов историски резултат. „Носителите на економските политики“ во Република Македонија треба да одговорат на само едно прашање. Како е можно со такво намалување на стапката на невработеност, дефицитот на Фондот за ПИОМ секоја година да се зголемува? Односно, дали Пензискиот систем на Македонија е фискално одржлив на среден рок? – прашуваат од партијата.

Според СДСМ, единствен историски резултат во Република Македонија е износот на Јавниот долг.

И кога на тој износ од 4 милијарди и 300 милиони евра ќе се додаде последното место по износ на странски директни инвестиции на Балканот, 5. место по бедотија во Европа, а 13. место во светот, помалиот износ на собран ДДВ во 2015 во однос на 2014 година, сликата за економската состојба станува јасна – стои во соопштението.

Од партијата велат дека извештаите на Државниот завод за статистика се очајни обиди за прикривање на економската пропаст кон која туркаат политиките на Груевски и Ставрески, исто толку очајно како обидот на Уставниот Суд за амнестирање за изборните криминалии.