СДСМ и ДУИ на локално ниво во Куманово потпишаа Меморандум за соработка

Сподели со своите пријатели

Општинската организација на СДСМ Куманово и локалниот огранок на ДУИ, ќе коалицираат во општинскиот совет. Претседателот на општинската организација Мартин Костовски и советникот од ДУИ, Фатмир Идризи денеска потпишаа Меморандум за соработка што ќе трае наредните четири години.

СДСМ на локалните избори освои 16 мандати, а ДУИ три, така што со мнозинство од 19 мандати во советот, сметаат потписниците, ќе се овозможи реализирање на проектите ветени на локалните избори.

На потпишувањето на меморандумот присуствуваше и градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски, во својство на член на СДСМ и имплементатор на одлуките што ќе бидат донесени на советот.

– Ќе работиме на унапредување и остварување на заложбите и програмските цели кои се ветени во кампањата за локалните избори и нормално, практицирање на власта со квалитетни кадровски решенија ќе направиме се, граѓаните да бидат задоволни од однесувањето од политиките на Колацијата на СДСМ и ДУИ, изјави Костовски.

Советникот од ДУИ, Идризи, рече дека ќе работат на остварување на ветеното во изборите, со цел поквалитен живот на граѓаните.

– Првенствено треба да се водиме од општите барања на граѓаните а потоа и од политичките барања, но она што е најбитно за јавноста е дека СДСМ и досега беше на локално ниво коалициски партнер со ДУИ и ќе продолжиме во позитивен тренд да даваме несебичен придонес за развој на Куманово во модерна и урбана целина, изјави Димитриевски.

 

Loading...

 

Одговарајќи на новинарско прашање како ќе бидат распределени раководните функции на локално ниво, Димитриевски, рече дека во моментов, директорите на јавните претпријатија имаат тековни менаџерски договори и не сакаше да прејудицира за останатите функции и распределби на местата кој ќе ги пополни, посочувајќи на законските одредби и постапките за избор.

– Во овој политички договор во втор план се кадровските решенија, во прв план, се она што се ветувања кон граѓаните и подобрување на животните услови на сите наши сограѓани. Воедно, сакам да истакнам дека СДСМ е отворен за соработка со сите политички партии кои што во моментов учествуваат во делот на функционирање и работење на општинскиот совет, изјави Димитриевски.

Не сака, рече да шпекулира зошто се одолговлекувал овој политички договор, посочувајќи дека договорите можат и да се склучат и да не, а институциите мора да функционираат.

– Требаше да се усогласат одредени ставови и согледувања и секако дека кадровската политика има влијание во делот на договарањето, но не е под број еден по приоритет, рече Димитриевски.

Во советот на општина Куманово, вкупно има 33 советници.


Comments are closed, but trackbacks and pingbacks are open.