Советниците на општината во Санкт Петербург, градот во кој израснал Владимир Путин, протестираат против војната во Украина. Не без последици.
ДВ разговараше со двајцата за нивните мотивации и очекувања.
Велепредавство – ова е обвинението против Владимир Путин од советниците во општината Смолнинское во Санкт Петербург.
На 7 септември тие гласаа за поднесување петиција до Државната дума на Руската Федерација со која се бара рускиот претседател да биде сменет од функцијата поради неговата воена акција против Украина, која во Русија не може да се карактеризира како војна, туку само како „ специјална воена операција“.
Никита Јуферјев е член на Советот на општината во Санкт Петербург од 2019 година
На денот кога започна нападот врз Украина, 24 февруари 2022 година, Јуферјев, заедно со колегите и советниците на различни политички движења од други општински совети, известија за антивоен митинг. Но, тие не добија дозвола од надлежните да ја одржат средбата.
Малку подоцна, на 2 март, Јуферјев и неговите колеги ги поканија граѓаните на Санкт Петербург на состанок на Советот на општината, отворен за јавноста.
„Дојдоа многу луѓе, но и полиција и припадници на специјалната единица ОМОН. Имаше многу шлемови и елеци, но се помина мирно. Се договоривме да испратиме апел до претседателот Путин да ја прекине специјалната операција“, изјави Јуферјев за ДВ.
Беше испратен апел до Кремљ, но одговор немаше.
Во август Јуферјев лично испратил барање до Путин да ја прекине специјалната операција од хуманитарни причини.
Овој пат, од Кремљ стигна одговор во кој се наведува дека жалбата е разгледана, како и дека Русија спроведува „специјална воена операција за демилитаризација и денацификација на Украина“.
„Претседателот не работи во интерес на Русија“ велат во Санкт Петербург
На седницата на општинскиот совет на 7 септември, колегата на Јуферјев, Дмитриј Паљуга, претстави нацрт-петиција до Државната дума.
Паљуга и Јуферјев потенцираат дека постапуваат согласно законот и дека ги следат пропишаните процедури.
„Досега немаше преседан некој да биде обвинет поради жалба испратена до државен орган. На крајот на краиштата, рускиот закон експресно го забранува тоа“, вели Паљуга.
Според него, петицијата не била спонтана одлука. Паљуга дошол до оваа идеја откако видел критики на социјалните мрежи – па дури и на „патриотските“ канали на Телеграм, кои го поддржуваат курсот на владата – дека „претседателот не дејствува во интерес на Русија“.
Во јули, московскиот пратеник Алексеј Горинов беше осуден на седум години затвор за „ширење лажни информации“ за руската војска.
„Се разбира, знаеме дека ризикуваме, но мислиме дека тоа е вистинската работа да се направи сега“, вели Паљуга.
„Знаци на велепредавство“
Паљуга и Јуферјев ја објавија петицијата упатена до Думата на Твитер.
Во него се наведува дека постапките на претседателот, според рускиот устав, покажуваат „знаци на велепредавство“.
Поточно, се споменуваат четири точки: уништување на борбено способни единици на руската армија, смрт и повреда на млади и работоспособни граѓани на Русија, штета на руската економија, проширување на НАТО со почетокот на војната во Украина и опремувањето на украинската армија со современа западна опрема, што е спротивно на „демилитаризацијата“ на Украина.
„Не го гледаме проширувањето на НАТО како директна закана за Русија. Се обидуваме со различни аргументи да апелираме до различни целни групи, за да ги убедиме дека целата оваа работа мора да заврши“, објаснува Јуферјев.
Според него, на гласањето по жалбата не присуствувале половина од дваесетте членови на Советот на општината, меѓу кои и претседателот на владејачката партија „Единствена Русија“. Според законот, кворум би постоел со десет пратеници. На крајот, седум пратеници гласаа за петицијата до Државната дума.
„Повеќе повици до Русите“
На прашањето на ДВ каква реакција очекуваат тој и неговите колеги на петицијата, Никита Јуферјев одговори:
„И покрај важните и значајни адресати, не сите наши апели всушност се упатени до нив. Јасно ни е дека воопшто не одговараат или пишуваат некакви глупости. Тоа е повеќе апел до Русите кои се во Русија и кои се исто толку загрижени за тоа што се случува. Сакаме да им покажеме дека има многу од нас кои се против тоа што се случува“.
На ист начин размислува и Дмитриј Паљуга:
„Ова го направивме пред се за да им покажеме на другите луѓе кои не се согласуваат со тоа што се случува, дека има пратеници кои не се согласуваат со тоа. И дека се подготвени да зборуваат за тоа гласно“.
Но, сето тоа не помина без последици
Според Никита Јуферјев, во меѓувреме советниците добиле покана да дојдат во полиција – за „дискредитација на армијата“.
„Ако сакаат да не казнат, ќе го сторат тоа. Но, што требаше да правиме, да молчиме“, прашува Јуферјев.
Тој е убеден дека огромното мнозинство од руското население не се „милитаристи“:
„Сите бевме воспитани од генерациите што ја доживеаја Втората светска војна. Нашите баби и дедовци секогаш велеа: „Најважно е да нема војна“. Се зборува за „специјална операција“, но луѓето почнуваат да сфаќаат што навистина се случува и колкумина се мртви. Нашиот народ е мирен и мислам дека народот на Русија наскоро ќе го отфрли она што се случува“.
Сите информации поврзани со најновите случувања со војната во Украина можете да ги прочитате ТУКА.