САД ја одобрија потенцијалната продажба на ново оружје во вредност од 619 милиони долари на Тајван, вклучително и ракети за борбени авиони Ф-16, бидејќи Тајван известува за упад на кинеското воздухопловство во неговиот простор за воздушна одбрана.
Продажбата на оружје веројатно дополнително ќе ги влоши и онака заладените врски меѓу Вашингтон и Пекинг, кој постојано бара прекин на таквите договори, сметајќи ги за неоправдана поддршка за Тајван, остров со демократски избрана влада, за кој Кина тврди дека е нејзина територија, пишува Ројтерс.
Пентагон во средата објави дека американскиот Стејт департмент одобрил потенцијална продажба на оружје и опрема на Тајван, која вклучува двесте напредни противвоздушни проектили воздух-воздух со среден дострел (AMRAAM) и сто ракети АГМ-88Б HARM.
– Предложената продажба ќе придонесе за способноста на примачот да обезбеди одбрана на својот воздушен простор, регионална безбедност и интероперабилност со САД – се вели во соопштението.
Министерството за одбрана на Тајван објави дека ракетите ќе помогнат во „ефикасната одбрана на воздушниот простор, за да се справиме со заканите и провокациите на комунистичката армија“ и дека ќе ги зајакнат одбранбените резерви.
Во четвртокот, Тајван го пријави вториот ден од големите упади на кинеското воздухопловство во зоната за идентификација на противвоздушната одбрана, при што забележани се 21 кинески авион во изминатите 24 часа.
Кина рече дека нејзините активности во областа се оправдани бидејќи се обидува да го одбрани својот територијален интегритет и да ги предупреди САД на „заговор“ со Тајван, и покрај гневот што го предизвикува во Тајван.
Сите информации поврзани со најновите случувања во Тајван можете да ги прочитате ТУКА.