САД издвои 65 милиони долари за полицијата на Хаити во борбата против насилство од банди

Сподели со своите пријатели

Соединетите Американски Држави одобрија дополнителни 65 милиони долари помош за полицијата на Хаити и апелираа до Советот за безбедност на Обединетите нации формално да го поддржи распоредувањето на мултинационална безбедносна мисија во оваа карипска држава за да помогне во борбата против насилството од бандите.

Loading...

Говорејќи на состанокот во Њујорк во петокот за ситуацијата на Хаити, американскиот државен секретар Ентони Блинкен рече дека мисијата предводена од Кенија може да биде распоредена „во рок од неколку месеци“, според Ројтерс, пренесува Танјуг.

„Навистина немаме време за губење“, рече Блинкен за Хаити, земја која минатата година побара помош во борбата против бандите кои во голема мера го контролираат главниот град Порт-о-Пренс.

Советот за безбедност на ОН би можел да гласа веќе следната недела за резолуцијата предложена од САД, која го поддржува распоредувањето мултинационална полиција, потврдија дипломатски извори за Ројтерс.

Иако САД не ветија учество на своите сили во мисијата на Хаити, Блинкен рече дека администрацијата на Бајден соработува со американскиот Конгрес со цел да обезбеди 100 милиони долари за логистичка поддршка за мултинационалната безбедносна мисија.