Операторот на украинската нуклеарна централа Запорожје исклучил два реактори поради работи на одржување, соопшти денеска раководството на нуклеарната централа, која е под руска контрола, на линијата на фронтот.
Руските сили ја зазедоа најголемата нуклеарна централа во Европа во март 2022 година.
Двете страни меѓусебно се обвинуваат за гранатирање на областа околу нуклеарната централа, а Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) се обидува да воспостави безбедносен механизам за да спречи можни несреќи.
Според МААЕ, еден од шесте реактори, единицата 4, мора постојано да се одржува во режим на „жешко“ исклучување за да продолжи со производство на пареа неопходна за нуклеарна безбедност, вклучително и обработка на течен радиоактивен отпад во резервоари за складирање.
Разлика помеѓу топла и ладна фаза на гаснење
„За да се изврши редовен технички преглед на опремата во блок 5, раководството одлучи тој блок да се префрли во режим на „ладно“ исклучување, но за да се обезбеди пареа за потребите на електраната, реакторот на блок 4 е во режим на „топло“ исклучување“, беше објавено на Телеграм.
Во ладната фаза на гаснење водата се загрева до 70 степени, додека во „жешка“ фаза се загрева до дури 280 степени.
МААЕ потврди дека е информирана за состојбата во нуклеарната централа и за инспекцијата што се врши.
Москва тврди дека на крајот нуклеарната централа ќе биде поврзана со руската електрична мрежа, но ниту еден од шесте реактори не произведува електрична енергија.
Инспекторите на МААЕ лоцирани во седиштето забележале мини во тампон зоната меѓу двете страни.
Сите информации поврзани со најновите случувања со војната во Украина можете да ги прочитате ТУКА.