Во среда, Русија започна големи поморски вежби во кои учествуваат повеќе од 150 бродови и 15.000 војници во Тихиот и Арктичкиот Океан и во Балтичкото и Каспиското Море, објави Министерството за одбрана.
Јулската вежба „Бура“ од 23 до 27 јули ќе ја тестира подготвеноста на флотата за нестандардни операции, употребата на оружје со долг дострел и други напредни технологии, вклучително и беспилотни системи, соопшти министерството.
– На море, екипажите на бродовите ќе вежбаат распоредување во борбени области, спроведување антиподморнички операции, одбрана на областите на распоредување и економски активности – објави министерството.
Тие исто така ќе вежбаат „одбивање напади со оружје за воздушен напад, беспилотни бродови и непријателски беспилотни летала, обезбедување безбедност на навигацијата, напади врз непријателски цели и поморски групи“.
Ќе учествуваат повеќе од 120 авиони и 10 крајбрежни ракетни системи, објави министерството. Командантот на морнарицата, адмирал Александар Мојсеев, ќе ја предводи вежбата.
Според повеќето јавни рангирања, Русија има трета најмоќна морнарица во светот, по Кина и САД, иако морнарицата претрпе голем број значајни загуби во војната во Украина, објавува Ројтерс.