Шефот на Комисијата за надворешни работи при Советот на Руската Федерација, Константин Косачов изјави дека обвинувањата за вмешаност на Русија во кибер напад на норвешкиот Парламент во август се неосновани.
– Како и обично, обвиненијата се изрекуваат без какви било докази или предлози да се разговара за инцидентот на експертско ниво, истакна Косачов.
Претходно денеска норвешката министерка за надворешни работи Ине Ериксен Сореиде нагласи дека Русија е одговорна за кибер нападот, кој во август е извршен на норвешкиот Парламент.
– Врз основа на информациите кои ги има Владата, наша проценка е дека Русија е одговорна за овие активности, истакна Сореиде.
Парламентот во Осло соопшти на 1 септември дека бил мета на кибер напад во текот на претходната недела, а биле хакирани електронски пошти на неколкумина пратеници и вработени во законодавниот дом.
Габриела Точко