Руралните средини потешко се справуваат со последиците од пандемијата

Сподели со своите пријатели

Националната федерација на фармери денеска организираше онлајн средба преку алатката „зум“ на која беше промовирана Анализа на потребите, предизвиците и ризиците на маргинализираните групи во руралните средини погодени од корона кризата.

Loading...

Анализата е изработена во рамките на проектот „Институционална поддршка на НФФ“ поддржан од Шведската развојна организација We Effect. Анализата е спроведена врз 150 испитаници во скопски, полошки, вардарски, пелагониски,југозападен, североисточен, источен и југоисточен регион во државата. Целни групи на анализата се лица со попречености, семејства и лица во социјален и економски ризик, лица без приходи, лица со потреба од постојана нега и поддршка. Автор на анализата која е иницирана и подготвена од Националната федерација на фармери е проф. д-р Светлана Трбојевиќ од Институтот за социјална работа и социјална политика при Филозофски факултет во Скопје.

Истражувањето, како што соопшти Националната федерација на фармери, покажа дека ограничувањето на движењето на почетокот на корона кризата претставувало најголем проблем за испитаниците од категориите на лица во социјален и економски ризик.

Тоа е проблем за 37,7 отсто од невработените лица, 47,1 отсто лица со ниски приходи и 40 отсто корисниците на права од социјална заштита. Додека за 23,5 отсто од испитаниците со ниски приходи проблем претставува социјалната дистанца.

Испитаниците се соочиле со проблеми поврзани со пристапот до здравствени институции меѓу кои најчест е пристапот до услугата „Мој термин“ на чија непристапност се пожалиле 12 отсто од корисниците на парични права, 11,3 отсто од невработените и за 7,8 отсто од лицата со ниски примања.

Во услови на Ковид-19 кризата потреба од дополнителни мерки од системот на социјална заштита имале 52,1 отсто од невработените испитаници, 76 отсто од категоријата на корисници на парични права од социјална заштита и 41,2 отсто од категоријата на невработени лица. Високи 95,8 отсто од испитаниците со ниски приходи, 96,5 отсто од корисниците на парични права од социјална заштита и сите невработени лица сметаат дека не се создадени нови можности за земјоделско производство.

Ковид кризата за најголем дел од испитаниците не донесе нови можности за сезонски вработувања во земјоделството, дури 37,7 отсто од невработените и 20 отсто од корисниците, како и 38,9 отсто од лицата со ниски примања сметаат дека можностите се намалени. Нема испитаник од оваа категорија кој смета дека дошло до зголемување на пласманот на производите. За 39,3 отсто од лицата со ниски примања, 37,7 отсто од невработените и за 24 отсто од корисниците на парични права од социјална заштита, дошло до негово намалување.

Васка Мојсовска, претседателка на Националната федерација на фармери истакна дека студијата има за цел да го утврди влијанието на Ковид-19 кризата врз подигање на јавната свест во однос на ризиците по здравјето на населението, пристапност до јавни услуги, пристап до пазарите за пласманот на земјоделски производи и производи кои домаќинството на испитаникот ги пласира на пазарите, приходите за живот на домаќинствата на испитаниците…

Loading...

Мојсовска потенцира дека во рамки на Националната федерација на фармери се спроведува и проектот „From Disability to FoodAbility” поддржан од We Effect и Radiohjalpen и има за цел да поттикне и помогне на семејствата на лицата со попреченост да ги развијат своите знаења и вештини во однос на своите основни права, нивно вклучување во процесите на донесување одлуки, зајакнување на мерките за поддршка на локално ниво и подобрување на политиките на национално ниво. Во рамките на проектот се мапирани 28 семејствa на лица со попреченост во чии семејни дворови веќе се изградени и поставени пластеници за производство на земјоделски производи.

Заменик-министерот за труд и социјална политика Енвер Хусејин истакна дека руралните средини потешко се справуваат со директните и индиректните последици од пандемијата, пред се поради ниските приходи со кои располага руралното населението и одалеченоста од градовите, што го прави овој дел на населението особено изложен на последици на кризата. Посочи дека токму поради тоа тие како ресорно Министерство треба да ги стават сите капацитети и ресурси на расплагање и да стекнуваат сознание за ризичните и маргинализирани групи се со цел нивно јакнење и да дефинираат приоритети во обезбедување на соодветни социјални услуги за овие групи на граѓани.

Димитар Ковачевски, заменик министер за финансии истакна дека здравствената криза направи значително влошување на опружувањето, намален прилив на парични дознаки, додека ограничувачките мерки за социјално дистанцирање имаа влијание врз дејностите-трговија, угостителство, транспорт и други. Домашната економија ја почуствува една од најдлабоките кризи до сега и шок имаше на страната на понуда и побарувачка, што беше не само кај нас туку на глобално ниво.Во однос на буџетот за 2021, поддршка се дава за непречено финансирање на основите функции на државата, тука влегуваат социјалните трансфери кон ранливите категории во општеството.

На онлајн средбата присуствуваа претставници од институции, амбасади, организации и лица со попреченост од руралните средини во земјава.

Магдалена Ристоманов

Leave a Reply