Новоизбраниот американски претседател Џо Бајден го избра долгогодишниот соработник Роналд Клајн за шеф на кабинет во Белата куќа во претстојната администрација, соопшти транзицискиот тим Бајден-Харис.
-Рон беше непроценлив соработник низ годините во кои работевме заедно, вклучувајќи го и спасувањето на американската економија од еден од најголемите падови во нашата историја во текот на 2009 година. Подоцна, во 2014 година ја надминавме тешката вонредна состојба со јавното здравство, рече Бајден.
Бајден посочи дека Клајн има богато искуство и способност да работи со луѓе, како што потенцираше, од широк политички спектар.
„Ова е токму тоа што им треба на луѓето од шефот на кабинет на Белата куќа кога се соочуваме со криза и се обидуваме да ја обединиме нашата земја“, се вели во соопштението на транзицискиот тим.
Гласот на Америка пренесе дека Клајн во реакцијата на соопштението на преодниот тим Бајден-Харис, наведува дека „му е укажана најголемата чест“.
-Трогнат сум со довербата што ми е дадена. Очекувам да им помогнам на новоизбраниот претседател и потпретседател да соберат разновиден и талентиран тим во Белата куќа, кој ќе се бори за спроведување на нивната амбициозна агенда за промени и ќе се обиде да ги надмине поделбите во нашата земја, рече Клајн.
Тој ќе ја има функцијата висок советник на Бајден и треба да помогне во формирање на водечкиот тим на идната администрација на САД. Досега бил ангажиран како висок советник во кампањата Баден-Харис.
Како дел од администрацијата на САД, од 2009 до 2011 година, работел како шеф на кабинет на поранешниот потпретседател на САД, Џо Бајден, во време на мандатот на претседателот Барак Обама. Во администрацијата на поранешниот претседател Барак Обама, исто така, тој го водел тимот за борба против ебола во периодот од 2014 до 2015 година.
Сашко Димевски