Заменик-министерот за економија, Марјан Ристески, соопшти дека мерката „училишна кошничка“, која се спроведуваше од 15 август до 15 септември, им овозможи на учениците и студентите полесно да се подготват за новата учебна година, а на родителите значителни заштеди.
„Штотуку заврши училишната кошничка, траеше од 15-ти август до 15-ти септември, одлична можност за сите ученици, пред сѐ за родителите на учениците и студентите, бидејќи студентската година почнува. Мислам дека има одлична можност на сите пунктови каде се набавуваат училишни материјали да ги купат по поевтини цени. Она што пред беше предвидено со одлуката и мерката. Да пофалам, некои книжари имаа и акција на поголеми намалувања од она што беше предвидено со самата мерка“, изјави Ристески.
Во текот на мерката биле извршени околу 150 контроли од страна на Пазарната инспекција во повеќе од 400 објекти, меѓу кои книжари, маркети и други продажни пунктови.
„Беа увидени мали пропусти некаде, но во глобала мерката се придржуваше. Самите трговци на мерката и ја почитуваа, имаше мали опомени, меѓутоа до крај се испочитува мерката“, нагласи тој.
Според првичните сознанија, како што рече заменик министерот, по ученик е заштедено од 750 до 2000 денари, а просечно семејство со двајца ученици или студенти заштедило околу 3.000 денари.
Конечниот извештај Министерството за економија ќе го достави до Владата во петок.