Ретроспективна изложба – 45 годишно творештво на Мики Трендафиловски во Куманово

Сподели со своите пријатели

Во периодот од 03.12 до 10.12.2020 во Изложбениот салон на НУ Центар за култура „Трајко Прокопиев“ – Куманово ќе биде поставена Ретроспективната изложба “45 години творештво на Мики Трендафиловски“.

Loading...

Изложбата содржи 30-тина слики и цртежи преку коишто се претставени творечките фази на овој ликовен автор. Проектот е подржан од Министерството за култура на РС Македонија.

Посетителите можат да ја видат изложбата секој работен ден придржувајќи се на пропишаните здравствени протоколи.

Мирослав Трендафиловски Мики e сликар, роден 1958 година во Куманово, каде живее и работи како самостоен уметник. Досега има реализирано 27 самостојни изложби ( Куманово, Скопје, Свети Николе, Крива Паланка, Штип, Прилеп, Неготино, Кочани, Струмица, Крушево, Кратово, Кавадарци, Битола, Виница Охрид, Приштина, Врање, Јагодина, Крагуевац, Ниш) и учествувано на голем број меѓународни ликовни колонии и групни изложби во земјава и надвор од неа. Своето прво самостојно преставување го има доживеано во далечната 1981 година од минатиот век како војник во Приштина тогашна СФРЈ. Добитник е на повеќе награди, признанија и благодарници за  своето 45 годишно ликовно творештво. Во последните дваесет години од своето ликовно творештво работи како уметнички раководител на повеќе Меѓународни ликовни колонии и културни манифестации во земјава и надвор како „КАРПИНО“, „МАКЕДОНСКА ИКОНА“, “ПЕТРОВДЕНСКИ КОНАЦИ“, АРТ ВАРИЈАЦИИ , СТАРИ ПОТОК и други.

Да бидеш сликар, значи да бидеш човек кој има свој свет, свои погледи и своја приказна на животот која често пати не е разбирлива и прифатена од околината во која живееш.

„Ликовна обработка на нештата, љубов и чувство кон формата, бојата и рамнотежата, како и создавање на нов и оргинален израз во мојот ликовен опус…“ е мотото со кое живеам и работам во сите изминати години од мојот живот.

Потребата да своите емоции и погледи на животот и времето во кое живееме, ги пренесам (ставам) на лист хартија или платно а при тоа да создадам магија наречена цртеж или слика, во мене ја будеа желбата за оргинален и искрен ликовен пристап.

Отсекогаш ја користев симболиката како сретство за изразување и творење. Сликав пејзажи, мртви природи, портрети, икони и цртежи и полека но сигурно навлегував во тајните на сите сликарски техники, барајќи свој  ликовен ракопис.

Loading...

Во животот имав чест и задоволство да како студент на Педагошката академија во Скопје мои професори бидат доаените на македонското сликарство Спасе Куновски и Борко Лазески, од првиот учев цртеж а од вториот композиција. Денес со огромно задоволство примам совети и водам долги и корисни разговори за уметноста, со мојот драг пријател и почитуван колега академик Васко Ташковски, по мене еден од најголемите сликарски легенди денес, човек од кој може да се научи многу во животот.

„Аналитички конструктивизам“ – (дефиниција која ја прифатив како белег на мојот сликарски израз) се зборови на почитуваната Мира Бојкиќ виш кустос од Јагодина – Р. Србија, изкажани на отварање на мојата самостојна изложба во 2005 година.

Геометриските форми, стилизираните фигурации и портрети, птицата, цветот, сонцето и трите основни бои се моја порака на искреност, љубов и едноставност.

Белината на моите платна преставува ширина на просторот и отвореност за секаков вид на комуникација на гледачот со сликата.

Користам чисти бои, разни прелази и валери, богатство на колорид кој на прв поглед делува хаотично но кога малку повеќе време се посвети на сликата се открива хармонија, спокој и игра.

Колку успеав во тоа незнам, само знам дека денес имам свој ракопис кој е карактеристичен и препознатлив во државата и пошироко, а честа да го оценат мојот труд и  творештво им припаѓа на другите.

Повод за оваа изложба е сликата „Раѓање на…“ создадена во далечната 1974 година кога имав 16 години и кога започна моето активно ликовно творештво.

Интегрално соопштение: НУЦК „Трајко Прокопиев“ – Куманово

Loading...

Leave a Reply