Американската Републиканска партија од Невада потврди дека планира да поднесе тужба во таа сојузна држава бидејќи, како што тврди, гласале околу 10.000 луѓе кои повеќе не живеат во Невада.
Републиканците исто така бараат пребројување на гласовите во Висконсин.
Невада е четврта држава во која Републиканците иницираат правни постапки за гласањето. Невада е една од неколкуте сојузни држави во САД каде гласачките ливчиња се испраќаат до секој возрасен човек кој е регистриран да гласа.
Трката за нов претседател на САД продолжува – се уште се бројат гласовите во неколку клучни сојузни држави, кои ќе одлучуваат за исходот на изборите.
Невада е една од неколкуте држави каде резултатите од гласањето сè уште не се познати, покрај Аризона, Џорџија, Северна Каролина, Пенсилванија и Алјаска.
Според проекциите на медиумите, кандидатот на Демократите Џозеф Бајден во моментов е предводник на трката за претседател на САД со 253 гласа, додека кандидатот на Републиканците и сегашен претседател Доналд Трамп има 213 гласа.
На кандидатите им требаат 270 изборни гласови за да победат.
Пандорка Арсовска-Гацова