Регионалните депони како решение за проблемот со отпад

Сподели со своите пријатели

Од осумте плански региони во Македонија само скопскиот во функција ја има депонијата „Дрисла“, која е регистрирана за обработка и отстранување на безопасниот отпад и за собирање, обработка и отстранување опасен отпад. Во другите региони депониите се од времен карактер или нековенционални.

Во Македонија има вкупно 54 активни, контролирани, комунални депонии, што се користат од страна на општините за депонирање отпад. Според класата на ризик, тие се делат на депонии со висок ризик и ги има 16, исто толку се со среден ризик и 22 депонии се со низок ризик. Во скопскиот регион има 270 неконтролирани депонии (ѓубришта) со количина на отпад од околу 5.512 метри кубни.

Според податоците на Државниот завод за статистика, вкупното количество на собран комунален отпад во Република Македонија во 2016 година изнесува 610.227 тони. Од вкупното количество на собран комунален отпад, 512.657 тони или 84 отсто се собрани од домаќинства, а останатите 16 проценти од правни и физички лица.

Вкупното количество на создаден комунален отпад во Република Македонија во 2016 година изнесува 796.585 тони. Годишното количество на создаден комунален отпад по жител во 2016 година изнесува 376 килограми.

Според Законот за управување со отпад, начинот за решавање на проблемот со таканаречените диви депонии е преку формирање регионални депонии. За нив во последните седум-години доста се дискутираше, но, сепак, тие не профункционираа во ниту еден регион.

Заменик-министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули изјави дека Владата го поддржува процесот на формирање регионални депонии согласно европски стандарди. Најави дека ќе бидат затворени дивите депонии кои служеле за комунален отпад.

-Проектот ќе биде во рамки на ИПА фондовите, рече Макрадули. Информира дека наскоро се очекува Европската делегација да објави повик за реализација на регионален центар во рамки на Североисточниот регион, кој треба да биде во Свети Николе. Вредноста е 38,5 милиони евра.

Портпаролката на Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) Беса Татеши информира дека во постапка е воспоставување регионален систем за управување со отпад.

– Фокусот на активностите во Секторот за управување со отпадот беше во насока на подготовка на планска документација за интегрирано регионално управување со отпад, преку ИПА фондовите, како и имплементирање на законите за посебните текови на отпад, рече Татеши.

Здружението за комунални дејности при Стопанската комора на Македонија смета дека без оглед на тоа што законот предвидува регионални депонии и во постојните депонии мора да се дозволи законски да се инвестира, да се вложува и да се модернизираат.

-Се додека не се направат регионални депонии законски е оневозможена модернизација и вложување во постојните депонии, тоа е нашето укажување и барање, изјави неодамна на прес-конференција претседателот на Здружението на комунални дејности Звонко Јованоски, кој е директор на ЈКП „Комуналец“ од Прилеп.

Според него, за да профункционира регионална депонија треба општините да бидат согласни, а ако една општина не сака да носи отпад во таа регионална депонија, тогаш тој модел пропаѓа.

-Општините кубурат со средства и затоа не вложуваат во регионални депонии. Владата треба да притисне за општините да се вклучат поактивно во реализација на тие проекти за регионални депонии, вели Јованоски.

Во моментов се изработува нов закон за управување со отпад, кој Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) го почна во рамки на ЕУ твининг проектот „Зајакнување на административните капацитети за спроведување на рамковната директива за отпад и директивите за посебните видови на отпад (пакување, батерии и отпад од електрична и електронска опрема)“.

-Главна цел на новиот закон за управување со отпад е воспоставување ефикасен систем за управување со отпад со кој ќе се овозможи минимизирање на негативните влијанија на создавањето и управувањето со отпадот врз човековото здравје и животната средина преку почитување на хиерархијата на отпад, изјави Татеши.

Подготовката на новиот закон почна во декември 2017 година, а овој месец треба да завршат првата работна верзија на законот и првата нацрт-верзија на извештајот за проценка на влијанието врз регулативата. Во март ќе биде објавена првата нацрт-верзија на текстот на законот и нацрт-верзија на извештајот за проценка на влијанието на регулативата на веб-страницата на Министерството за животна средина и просторно планирање за доставување коментари и забелешки.

За април и мај се предвидени состаноци, јавна расправа, разгледување на доставените забелешки од страна на МЖСПП и работните групи и внесување на доставените забелешки. Во јуни ќе биде објавена вторта нацрт-верзија на законот на веб-страницата на МЖСПП и нацрт-изветшајот за проценка на влијанието врз регулативата. Доставувањето до Владата е предвидено за септември 2018 година. Паралелно со подготовката на текстот на законот ќе се работи на подготовка и на извештај за процена на влијанието на регулативата.

При анализа на состојбата со управување со отпад во Македонија се утврдени неколку проблеми: неусогласеност на Законот за управување со отпад и прописите кои произлегуваат од него со барањата од новите измени на правото на ЕУ од оваа област, особено во дефинициите за отпад, преклопување на дел од надлежностите на институциите во управувањето со отпадот и усогласување меѓу централната и локалната власт, недоволна имплементација на прописите за управување со отпад, делумно спроведување на економските мерки кои имаат за цел воспоставување на системот за искористување на отпадот и недостиг од соодветна инфраструктура за управување со отпадот.

Комисијата за прекршоци во рамки на МЖСПП лани изрекла девет глоби на исто толку правни субјекти по Законот за управување со отпад.

Во Македонија се неопходни регионални депони за решавање на проблемот со отпад и за поздрава животна средина. Градоначалниците на секој регион треба да донесат одлука кој модел ќе го прифатат, дали ќе искористат средства од европските фондови, дали ќе одат на модел на јавно-приватно партнерство или ако регионот има можност сам да финасира изградба на регионална депонија.

Магдалена Ристоманов/МИА

Leave a Reply