На 29 ноември 1944 година на масовниот собир во салата на некогашното Кино „Напредок“ било решено во Куманово да се отвори градска библиотека.
Идејата, веќе следната година била реализирана кога и официјално библиотеката стартувала со работа.
Веднаш по донесувањето на одлуката се пристапило кон собирање книги, кои граѓаните ги давале доброволно и за неполни месец дена биле собрани околу 600 книги со кои започнала да работи Библиотеката „Тане Георгиевски“.
Во времето кога се раѓала оваа установа, во времето кога градот бил разурнат и опустошен и биле доделени работни простории. Во првите години од своето постоење кумановската библиотека намала платени библиотекари и книгите ги издавале напредни младинци кои работеле со голем ентузијазам.
При крајот на 1949 година библиотеката за прв пат добила платен библиотекар – Лепа Стојчевска, која започнала да се грижи за збогатувањето на книжевниот фонд и во тоа време оваа мала културна установа располагала со книжен фонд од 1.274 книги.
Од тогаш може да се каже дека започнуваат добрите денови и перманентно секоја година се зголемува книжениот фонд, паралелно со тоа и бројот на читали кои се почесто ја посетуваат оваа единствена културна институција во Куманово.
Веќе во 1967 година Библиотеката „Тане Георгиевски“ имала 62.000 книги и 10 работници. Тогаш имало и четири клонови на библиотеката во селски средини, а секој од нив располагал со по 1.500 книги.
Во истата година биле прочитани над 120.000 книги.
Извор: „Наш весник“ број 147 (сабота, 11. ноември 1967. година)

