Расте бројот на затвореници во европските затвори, најмногу поради дрога

Сподели со своите пријатели

Бројот на затвореници во европските затвори е зголемен за 2,3 отсто од јануари 2021 година до јануари 2022 година, покажа новиот извештај на Советот на Европа објавен денеска.

Loading...

На последниот ден од јануари 2022 година, имало 981.575 затвореници во 48-те затворски администрации на членки на Советот на Европа кои доставиле податоци, или во просек 104 на 100.000 жители.

Со оглед на тоа што Русија е исклучена од Советот на Европа, истражувањето не содржи податоци за таа земја, која во претходните години изнесуваше третина од вкупната европска затворска популација.

Најмногу затвореници имало во Турција, повеќе од 300.000.

Затворските управи на Бугарија, Естонија и Германија се единствените кои пријавиле значително намалување на стапката на затворање, поголема од пет проценти, во периодот јануари 2021-јануари 2022 година.

Таа стапка е значително зголемена во 16 земји, со 23 отсто во Словенија, 15 отсто во Финска и Франција, 12 отсто во Црна Гора и десет отсто во Хрватска.

Во останатите 24 затворски управи, затворската популација останала иста, покажа годишната статистика за европските затвори за 2022 година.

Во соопштението на Советот на Европа се наведува дека во претходниот извештајен период, од јануари 2020 до јануари 2021 година, стапката на затворање била во опаѓање бидејќи имало помал криминал поради ограничувањата во услови на пандемијата на ковид.

Loading...

Турција имала најмногу затвореници на 100.000 жители на крајот на јануари 2022 година (355), а потоа следат Азербејџан (217), Унгарија (194) и Литванија (191).

Исклучувајќи ги земјите со помалку од милион жители, Финска (50), Холандија (54) и Норвешка (56) имаат најмалку затвореници на 100.000 луѓе.

Беше објавено и дека во набљудуваниот период во затворите имало просечно 92 затвореници на 100 места во однос на 87 една година порано, но седум затворски управи изјавиле дека има повеќе од 105 затвореници на 100 места.

Се наведува и дека уделот на затворениците во Европа кои отслужуваат казна за кражба е намален за 8,8 отсто, додека уделот на затворениците за прекршоци поврзани со трговија со дрога е зголемен за 3,5 отсто.

Меѓу европските затвореници, 19 отсто одлежуваат за дрога, 15 отсто за кражба и 14 отсто за убиство или обид за убиство, покажуваат податоците на затворските власти.

Податоците покажуваат и дека во десет затворски управи повеќе од четвртина од затворениците издржуваат казна за дрога.

Извештајот, исто така, покажа дека на крајот на јануари 2022 година, во истражните затвори низ Европа во просек имало четвртина од затворениците.

Во Албанија и Ерменија, затворениците во истражните затвори сочинуваат повеќе од половина од затворениците, во Црна Гора 41 отсто, во Хрватска 34 отсто и во Србија 28 отсто.

Loading...

Просечната возраст на затворениците во Европа е 38 години. а една петтина од затворениците се жени.