Расте бројот на заболени од грип во Куманово

Сподели со своите пријатели

Расте бројот на заболени лица од грип во Куманово, информираа денеска надлежните од Центарот за јавно здравје во тој град.

Loading...

Во текот на шестата недела пријавени се вкупно 254 новозаболени лица од грип или со симптоми слични на грип, што во однос на минатата недела кога се евдидентирано 178 лица е зголемување за 43 проценти. Оваа бројка е за речиси два пати поголема во однос на истиот период, споредено со претходната година.

– Оваа недела, најголем број случаи – 106 се на возраст од пет до 14 години, оние што припаѓаат на училишна возраст, што е и очекувано со започнување на второто полугодие. Потоа, следи возрасна група од 15 до 64 години, односно 105 случаи, изјави доктор Јадранка Стаменковска, епидемиолог од Центарот за јавно здравје Куманово.

Оваа сезона досега се регистрирани 675 заболени и споредено со минатата сезона кога имаше 424 заболени има пораст за 60 проценти.

– Центарот за јавно здравје секоја година за да знае кој вирус циркулира на подрачјето на нашиот регион испраќа и материјали, односно земени брисеви од нос и грло од пациенти. Од испратените 18 бриса, имаме 36 проценти позитивни на А типот вирус и на Б тип вирусот на инфлуенца, појасни Стаменковска.

Таа посочи дека расте бројот и на пациенти кои побарале помош на инфективното одделение во Општа болница Куманово за инфекции на горно респираторни и долно респираторни патишта. Кај 98 лица е утврдено присуство на грип, а осум биле хоспитализирани. Стаменковска потсети дека се вакцинирани над 2.000 лица, а во Центарот за јавно здравје се уште има комерцијална вакцина која е прераспределена како бесплатна. Таа ги повика ризичните категории да се вакцинираат, бидејќи се очекува да расте бројот на заболени.

Епидемиолозите советуваат да се одржува високо ниво на лична хигиена што подразбира често миење на раце, да се проветруваат простории, да се јаде храна богата со витамини и да се пијат доволно течности.

МИА

Loading...

Leave a Reply