Во Германија, по повикот на украинските власти до воените обврзници во странство да се вратат во Украина, се разви дискусија за воените регрути кои престојуваат во Германија како бегалци.
„На сите ќе им испратиме покана за воен рок, а секој што ќе добие покана има право да дојде кај нас и да служи“, изјави украинскиот министер за одбрана Рустем Умеров за дневниот весник „Билд“.
Тој рече дека се уште се разговара што ќе биде со оние кои нема да одговорат на повикот на украинските власти.
„Не е казна да се брани својата земја, туку чест“, рекол Умеров, пренесува Хина.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски оваа недела изјави дека на украинската војска и се потребни 450.000 до 500.000 нови војници.
Според податоците на германското Министерство за внатрешни работи, од почетокот на руската инвазија на Украина на крајот на февруари 2022 година, во Германија се регистрирани 203.640 мажи од Украина на возраст меѓу 18 и 60 години.
Колективна заштита за украинските граѓани
На социјалните мрежи се појавија написи дека Германија може да испорача украински регрути во Украина.
Сојузната канцеларија за миграција и бегалци објави дека Украина се уште не испратила барање за екстрадиција на воено способни мажи и дека сите граѓани на Украина, без разлика на полот, моментално уживаат заштита во Германија.
„Без разлика дали се жени, деца, постари или мажи на воена возраст, сите тие уживаат заштита во Германија“, вели Јохен Хоевкенмаер.
Колективната заштита за украинските граѓани моментално важи до крајот на февруари, но повторно ќе биде продолжена за една година.
Во германските медиуми во неколку наврати се појавија текстови со критички тон за тоа како регрутите можат да излезат од воена служба со плаќање мито во канцелариите за регрутирање.
Сите информации поврзани со најновите случувања со војната во Украина можете да ги прочитате ТУКА.