Главниот обвинител на Соединетите Американски Држави, Пам Бонди, нареди истрага за наводите за завера поврзана со руското влијание врз претседателските избори во 2016 година, позната како „Рашагејт“.
Бонди им наложи на обвинителите да презентираат докази пред голема порота за да утврдат дали постојат основи за обвинение, пишува CBS News.
Иако не е јасно кој би можел да биде обвинет, истрагата се однесува на разузнавачките информации за Русија и нејзината улога во изборите во САД.
Оваа одлука доаѓа по кривичната пријава поднесена кон средината на јули од директорката на Националното разузнавање, Тулси Габард, пренесува Танјуг.
Министерството за правда потврди дека барањето е примена, но не даде дополнителни детали.
Габард претходно објави повеќе од 100 страници декласифицирани документи во кои се тврди дека разузнавачките информации за руското мешање во изборите биле фалсификувани или намерно изменети.
Таа тврдеше дека за време на администрацијата на поранешниот американски претседател Барак Обама, имало „заговор“ и „пуч“ против Доналд Трамп и дека разузнавачката заедница се обидела да ги потисне или манипулира информациите за да го дискредитира Трамп.
Габард ги проследила документите до Министерството за правда, барајќи кривична истрага.
Документите објавени од Габард вклучуваат е-пошта, извештаи од претседателскиот дневен брифинг и записници од состаноци, кои сугерираат дека претставници на администрацијата на Обама можеби политички ги користеле разузнавачките информации за да го поврзат Трамп со Русија.
Демократите остро ги оспорија нејзините тврдења, велејќи дека постојните докази, вклучувајќи ги извештаите на Сенатот и разузнавачките наоди, јасно покажуваат дека Русија се обидела да влијае на изборите во 2016 година, но дека нема докази за каква било дослух меѓу Трамп и Русија.