Ранетите полицајци во Диво Насеље ќе сведочат како заштитени сведоци

Сподели со своите пријатели

Откако Јавното обвинителство за организиран криминал објави дека ќе подигне обвиненија против 29 лица за настаните во Диво Насеље, Телма пренесува дека ранетите полицајци  ќе бидат заштитени сведоци во судскиот процес против групата обвинета за тероризам.

Loading...

Како што објави Телма, обвиненијата се напишани на 53 страни, додека листата на докази е обемна и има 39 страници.

Заштитени сведоци, т.е ранетите полицајци во обвинението се заведени под псевдоними „Ц“ или „УПС“. Во обвинителниот акт за првпат се открива дека имало вкупно 42-ца тешко повредени полицајци во акцијата, пренесува Телма.

Првично беше соопштено дека 37 полицајци биле повредени. Документите на заштитените се ставени во црна пака со бели врвки, стои во обвинителниот акт. Но на листата заштитени сведоци има уште 4 псевдоними кои ги нема меѓу повредените.

Нивниот псевдоним е исто УПС што е и кратенка за Униформиран полициски службеник, но не е познато дали се полицајци-учесници во акцијата, разузнавачи или пак сведоци кои не се припадници на безбедносните структури. Меѓу сведоците се и жители на Диво Насеље како и најблиските роднини на 8-те загинати полицајци. Образложението на обвинението е во три точки и во нив се наведува дека групата почнала да се организира на почетокот на оваа година. Според обвинителниот акт, лидери на групата се 6-мина.

Двајцата загинати Мирсад Ндрецај и Бег Ризај, притворените Сами Укшини, Мухамед Красниќи- Малишева и Деме Шеху, додека последен лидер на кумановската група е Зијадин Красниќи кој е во бегство и никој не знае како успеал да избега од бојното поле во Диво Насеље. Втората точка на обвинението е нападот врз караулата Гошинце изведен на 22-ри април.

Во третата точка стои дека припадниците на групата во Македонија илегално влегле меѓу 2-ри и 8-ми мај. Биле пречекани од македонските припадници на групата. Дел од нив се засолнил во Отља, а потоа на трети мај попладне со три возила дел од нив стигнал во Куманово и се сместиле во неколку куќи на улица Перо Илиевски, пренесува Телма.

За време на дводневната опсада на кумановското Диво Насеље, убиени беа осум припадници на МВР како и 14 припадници на терористичката група.


Comments are closed, but trackbacks and pingbacks are open.