Радев и Иванов иницираат склучување договор за стратешко партнерство (ДПЛ)

Сподели со своите пријатели

Претседателите на Македонија и на Бугарија, Ѓорге Иванов и Румен Радев на денешната средба во Скопје се согласиле да иницираат потпишување договор за стратешка соработка меѓу двете земји.

На заедничката прес-конференција по средбата, Иванов рече дека по потпишаниот Договор за пријателство, добрососедство и соработка, кој многу ќе придонесе за развој на севкупната билатерална соработка би било добро Скопје и Софија да склучат и договор за стратешко партнерство, какви што Македонија има со САД и со Турција.

– Мигрантската криза покажа дека имаме неопходна потреба за размена на имформации во сферата на безбедноста, разузнавањето, заеднички да дејствува за превенција од можни закани за целиот регион, додаде Иванов.

Бугарскиот претседател Радев ја оцени како многу важна иницијативата за склучување договор за стратешко партнерство, додавајќи оти ќе ја пренесе до Владата во Софија. Со таквиот договор, додаде тој, ќе се зголеми безбедноста за сите чинители во регионот.

– Договорот за добрососедство со земја, која е членка на Европската унија и НАТО е најсилен доказ дека во македонскиот Устав нема одредби за иредентизам и територијални претензии, рече Иванов и потсети дека Бугарија била првата земја што ја признала Република Македонија под уставното име.

Радев за Договорот за добрососедство рече дека не треба да остане само мртво слово на хартија, туку да биде незапирлив процес што ќе се унапредува.

Двајцата претседатели разговарале и за Стратегијата на ЕК за проширување за Западен Балкан, при што Иванов потенцира дека Бугарија одиграла голема улога во носењето на овој документ.

Иванов изрази благодарност за поддршката од Софија за македонските аспирации за ЕУ и НАТО. Рече дека е реално да се очекува за време на бугарското претседавање со ЕУ, Македонија да добие датум за почеток на преговорите, како и покана за членство во НАТО.

– Бугарија секогаш била еден од најсилните адвокати за перспективата на Македонија во ЕУ и НАТО. Но, има уште многу да се сработи во разни сфери, а Бугарија е подготвена да и помогне во тоа на Македонија, кажа Радев.

Двајцата претседатели, како што истакнаа на прес-конференцијата, разговарале и за регионалната соработка, инфраструктурното поврзување, економските односи.

Акцент бил ставен на Коридирот 8 и напорите да се заврши железничкото поврзување меѓу двете земји, градење автопати и патна инфратруктура.

– Најдобриот лакмус за подобрување на односите меѓу државите се бизнисот и односите меѓу луѓето, нагласи Радев и додаде дека само неколку месеци по потпишувањето на Договорот двете земји забележале раст на трговската размена и на бројот на туристите.

Бугарскиот претседател Румен Радев изјави дека Софија поддржува решение на спорот за името меѓу Скопје и Атина кое нема да вклучува територијални делови од Бугарија и нема да засега трети страни.

– Бугарската позиција е јасна, решението за името во спорот со Грција да не содржи географска одредница која во себе ќе вклучува територијални делови од Република Бугарија, рече Радев, одговорајќи на новинарско прашање.

Радев нагласи дека Бугарија не планира воведување на никакви санкции кон Македонија во однос на нејзините европски и евроатлантски интеграции во врска со преговорите за името и додаде дека тие се водат меѓу две суверени држави под покровителство на Обедините нации.

Тој додаде дека овие преговори ја засегаат и Бугарија, но напомена дека верува дека ќе биде најдено решение кое е прифатливо и за Македонија и за Грција, но кое нема да засега трети страни.

Иванов рече дека преговорите за проблемот што Грција ги има со уставното име на Република Македонија ќе продолжат во ОН, при што македонската страна ќе се труди да се најде решение кое нема да биде на штета на трети држави и да ги инволвира во процесот.

Македонија и Бугарија работат интезивно на формирање експертски комисии, од кои едната ќе се фокусира на прашања од историјата и образованието на двете земји, со цел да се надминат евентуалните разлики и несогласувања, порачаа денеска двајцата претседатели.

Радев истакна дека интензивно се работи на составување на двете експертски комисии.

– Многу е важно комисијата за историски и образовни прашања да процени дали имаме спорни прашања, меѓу нас и како тие може да се решат. Ние имаме заедничко минато и од начинот на третирање на тоа минато зависи и самата европска перспектива на Република Македонија, рече тој.

Иванов нагласи дека целиот овој процес треба да гледа во иднината, а не заглавува на прашања, кои може да не остават во минатото.

– Договорот треба да го гледаме од аспект на иднината и затоа комисијата треба да биде насочена кон иднината на нашите односи, да не се затрупуваме во рововите на прашања, за кои имаме различно мислење. Тие прашања да ги оставиме на оние, кои се задолжени за нив, тоа се академиите на науките, рече Иванов.

Радев го покани Иванов да ја посети Бугарија на 6 мај на празникот на бугарската армија.

Бугарскиот претседател за време на дводенванта одицијална посета на Македонија, треба да има средби и со премиерот Зоран Заев, со претседателот на Собранието Талат Џафери, а утре заедно со Иванов ќе учествуваат на македонско-бугарскиот бизнис форум./МИА

Leave a Reply