Би било погрешно претседателот да се меша и директно да командува со војската. Редовно добивам извештаи од фронтот, изјави шефот на Кремљ.
Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека неговата земја е подготвена на секое сценарио, одговарајќи на новинарско прашање за потенцијален конфликт меѓу руската армија и НАТО!
Рускиот претседател одговараше на прашање за неодамнешната блиска средба на руски и американски авиони во Сирија.
Кризни ситуации
– Никој не го сака тоа – рече рускиот претседател, посочувајќи на постоечките канали за спречување конфликти кои им овозможуваат на руските и американските офицери „директно да разговараат за секоја кризна ситуација“.
– Фактот што овие канали се уште функционираат покажува дека ниту една страна не е заинтересирана за конфликтот. Но, ако некој сака конфликт, а тоа не сме ние, тогаш сме подготвени за најлошото можно сценарио – додаде Путин.
Од почетокот на руската инвазија на Украина, руските власти постојано предупредуваат на опасност од конфликт меѓу НАТО и Русија.
Испораките на западно оружје во Украина само ги вовлекуваат западните земји уште повеќе во конфликтот, според Москва.
Путин потврди дека редовно добива извештаи од фронтот и дека разговара со своите генерали неколку пати на ден:
– Кога е потребно, можам да стигнам до нив. Но, би било погрешно претседателот да се меша и директно да командува со војската.
Тој исто така даде свое видување за ситуацијата во украинската армија.
– Украинската армија претрпе големи загуби на фронтот и има проблеми со пополнување на единиците. Тие формираа воени единици од воздухопловни техничари.
Тоа значи дека нивните капацитети за мобилизација се исцрпени.
Путин изјави и дека Русија не ја отфрла идејата за мировни преговори, но дека е тешко да се зборува за мир и да се воведе прекин на огнот кога украинската армија е во офанзива.
Договор за жито
Шефот на Кремљ потоа се осврна на се почестите украински напади на мостот Крим, кој го поврзува овој полуостров со руското копно.
– Безбедноста околу мостот на Крим дополнително ќе биде зајакната. Ние одговоривме со превентивни удари на местата за производство на поморските беспилотни летала користени во нападите на мостот.
На крајот од разговорот со новинарите по руско-африканскиот самит во Санкт Петербург, Путин се осврна на прашањето за раскинување на договорот за извоз на украинско жито:
– Русија е поважна за глобалниот синџир на извоз на храна во светот отколку Украина. Уделот на украинското жито на светскиот пазар е пет отсто, а руското жито повеќе од 20 отсто. Нашите товари со ѓубриво на Балтикот сè уште стојат. Никој не може да ни објасни зошто. Минатата година ЕУ спречи извоз на 300.000 тони наше ѓубриво – рече Путин.
Церемонија во Санкт Петербург
Морнарицата добива 30 бродови!
Путин ѝ вети на руската морнарица 30 нови бродови оваа година во говорот на парадата за Денот на морнарицата во Санкт Петербург.
– Денеска Русија самоуверено ги спроведува обемните задачи на нашата национална поморска политика и постојано ја зајакнува силата на нашата морнарица – рече Путин и додаде дека до крајот на оваа година ќе прими 30 бродови од различни класи. На церемонијата Путин беше придружуван од министерот за одбрана Сергеј Шојгу.
Украински напад со беспилотни летала: Цел – финансискиот центар на Москва
Украинците извршија нов напад со беспилотни летала на Москва, а сега на мета беше и финансискиот центар на руската престолнина.
Нападот е извршен во неделата рано наутро со три беспилотни летала, од кои два биле соборени, а третиот удрил во зграда.
Градоначалникот на Москва, Сергеј Собјанин, потврди дека во нападите нема жртви и дека две деловни згради биле „малку оштетени“.
Руската државна новинска агенција ТАСС објави дека во нападот биле вклучени два дрона. Оштетената зграда се наоѓа во областа Пресненски во Москва и ја користи руското Министерство за дигитален развој, комуникации и масовни медиуми.
Поради нападот, сообраќајот на аеродромот Внуково беше накратко во прекин.
Сите информации поврзани со најновите случувања со војната во Украина можете да ги прочитате ТУКА.