Русија денеска ја одбележува 80-годишнината од советската победа во битката кај Сталинград, голема пресвртница во Втората светска војна и симбол на патриотизмот за кој Владимир Путин се залага со двојно поголема сила среде офанзивата во Украина.
Комеморацијата за битката за Сталинград доаѓа во време на жестоки борби меѓу руските сили и украинските војници во таа поранешна советска република, сцена на повеќе од една година руска офанзива започната, според Кремљ, за „демилитаризација“ и „ денацификација“ на соседната земја.
Една од најкрвавите битки во историјата
Рускиот претседател ќе отпатува во Волгоград, поранешен Сталинград, за да учествува на прославата, соопшти Кремљ.
Сметана за една од најкрвавите во историјата, со околу два милиони мртви од двете страни, битката кај Сталинград (1942-1943) го смени текот на конфликтот во Втората светска војна.
Таа победа сѐ уште ја слави Русија, која важи за наследник на Советскиот Сојуз, кој ја спаси Европа од нацизмот.
Победата во оваа битка добива дополнително симболично значење како што се приближува првата годишнина од започнувањето на операцијата на Русија против Украина на 24 февруари 2022 година, каде Москва ги засилува своите акции по неодамнешното заземање на Соледар, град во источна Украина. прв успех за руските сили по многу месеци и низа неуспеси.
Самиот руски претседател не се двоуми да направи паралела меѓу отпорот против Хитлер и офанзивата во Украина.
Путин ги спореди Украинците со нацисти
„Заборавањето на лекциите од историјата води до повторување на страшни трагедии. Доказ за тоа се злосторствата врз цивилите, етничкото чистење (и) казнените акции организирани од неонацистите во Украина“, изјави тој минатиот петок, по повод Меѓународниот Ден на сеќавање на холокауст.
„Токму против ова зло нашите војници храбро се борат“, додаде тој.
Овие изјави предизвикаа жестоки реакции. Шефот на француската дипломатија, Кетрин Колона, ги опиша како „страшни“ и „шокантни“ и „недостојна провокација“ на Денот на меморијата на Холокаустот.
„Од посебно значење“
Во Волгоград, милионскиот град на брегот на Волга, среда и четврток се прогласени за неработни денови.
Оваа одлука е донесена „со оглед на посебната важност на поразот на нацистичките сили во битката за Сталинград за конечна победа“ во Втората светска војна, соопшти регионалната управа.
Во пресрет на 80-годишнината од победата во Сталинград, во Волгоград беше откриена биста на Сталин.
Денеска во рамките на прославата ќе се одржи воена парада и концерт, а со цвеќиња и венци наутро ќе се преплави Мамаје Курган, стратешки рид околу кој се водеа страшни битки.
Огромниот споменик во кој доминира џиновската статуа на татковината, која свечено беше откриена на овој рид во 1967 година, со децении беше место за аџилак на Русите кои сакаа да им оддадат почит на подвизите на советската армија и народ.
Битката на 200 дена и ноќи
Битката за Сталинград, која започна во јули 1942 година, траеше 200 дена и ноќи.
Градот, претворен во урнатини, беше сцена на разорни германски воздушни бомбардирања и улични битки.
На 2 февруари 1943 година, трупите на германскиот маршал Фридрих Паулус капитулираа опкружени од Црвената армија и тоа беше прво предавање на нацистичката армија од почетокот на војната.
Целосно обновен по налог на советските власти, Сталинград беше преименуван во Волгоград во 1961 година, осум години по смртта на Јосиф Сталин.