Најмалку две лица загинаа, а шест лица се ранети во пукање на градилиште во најголемиот град во Нов Зеланд, Окленд, соопштија во четвртокот локалните власти, а пренесе Ројтерс.
Според полициското соопштение, напаѓачот е мртов и повеќе нема ризик од нов инцидент.
„Пукањето во една од попрометните улици во центарот на градот е задушено и тоа е изолиран инцидент“, соопшти новозеландската полиција, додавајќи дека нема никаков ризик за националната безбедност.
Инцидентот се случил само неколку часа пред првиот натпревар на Светското првенство за жени на Еден парк во Окленд.
Премиерот Крис Хипкинс рече дека фудбалскиот турнир ќе се одржи според планираното, истакнувајќи дека пукањето било дело на поединец и дека полицијата не бара никој друг во врска со инцидентот.
„Не е утврдена политичка или идеолошка мотивација за пукањето, така што нема ризик за националната безбедност“, рече Хипкинс за време на прес-конференција.
Тој исто така нагласи дека нема да има промени во нивото на безбедносна закана на Нов Зеланд.