Во просториите на НУЦК „Трајко Прокопиев“ – Куманово во четврток (10ти јули) ќе се одржи првата самостојна изложба на уметничкиот фотограф Виктор Трајковски.
Изложбата, насловена „STREET LIFE“, претставува колекицја од внимателно избрани фотографии кои авторот ги има изработено во текот на своите патувања.
Холандија, Белгија, Франицја, Италија, Словенија, Турција, Јапонија, Германија, Австрија, Хрватска и Македонија се само дел од земјите чија култура авторот ја има претставено низ својот објектив.
– Овие фотографии не се само начин на уметничко изразување на Трајковски, туку претставуваат патопис, тие се сведоци и чуватели на културата и луѓето кои во себе ја носат, претставуваат и пренесуваат истата. Оваа изложба ја слави убавината на несценираното – каде што сенките танцуваат на тротоарот, странците стануваат тивки протагонисти, а секоја слика раскажува приказна за животот онака како што се случува, велат од Фото клуб Куманово, чиј член е Трајковски.
Клубот ги поканува сите љубители на уметничката фтогорафија и културата да ни се придружат на инспиративна вечер исполнета со привлечни визуелни елементи, интересни разговори и прослава на уличната култура низ објективот на фотографот.
Никола Ивановски