Проширувањето на ЕУ се враќа на дневен ред на амбасадорите оваа недела

Сподели со своите пријатели

Последен обид на германското претседателство ќе има во среда да се усвојат заклучоците за проширувањето на ЕУ, вклучително и за Северна Македонија, јави дописничката на МИА од Брисел.

Loading...

Како што потврдија за МИА од Советот на ЕУ во среда ќе се одржи нов амбасадорски состанок на кој на дневен ред се ставени заклучоците за проширувањето, кои беа отстранети минатата недела поради блокадата на Бугарија за преговорите со Северна Македонија.

Дискусијата за проширувањето беше целосно симната од дневен ред поради несогласувањата помеѓу земјите членки на ЕУ, посебно поради ставот на Софија дека не може да се одржи првата меѓувладина конференција за пристапни преговори со Северна Македонија без решавање на билатералните спорови.

Оваа недела германското претседателство ги враќа заклучоците за проширувањето на дневен ред. Тука спаѓаат и другите земји од западниот Балкан заедно со Северна Македонија.

Нејасно е во овој момент каков компромис ќе предложи германското претседателство. Извесно е дека претседателството подготвува нови заклучоци, но овие сѐ уште не се објавени, и МИА не е запознаена со нивната содржина за сега.

Главната информација што циркулира веќе две седмици во дипломатските кругови во Брисел е дека се бара компромис околу формулација поврзана за „погрешна интерпретација на историјата“.

Додека претседателството на ЕУ смета дека оваа реченица треба да биде сместена во уводот за сите земји од регионот, Софија, според дипломатски извори, сака таа да биде вметната специфично за Северна Македонија, повикувајќи се на дамнешни заклучоци, од 2018 година кога се усвоија договорите за добрососедство со Грција и Бугарија.

Останува сега да се види каков компромис предлага германското претседателство.

Loading...

Последните нацрт заклучоци исто така гласат дека првата меѓувладина конференција треба да се одржи „што е можно поскоро“ со Северна Македонија и со Албанија, но за Албанија со дополнителни услови.

Одредени земји членки на ЕУ инсистираат да се одвојат Скопје и Тирана, доколку не може да се надмине бугарската блокада, и да се даде барем формално зелено светло за Албанија.

Тања Милевска, Брисел

Leave a Reply