На местото на падот на рускиот транспортен авион Ил-76 во регионот на Белгород, кој превезувал 65 украински затвореници на размена се пронајдени црни кутии, и тие се во добра состојба, изјави за РИА Новости претставник на брзата помош.
„Откриени се и двете црни кутии – уред за снимање параметри на летот и диктафон“, изјави соговорникот на Риа Новости, истакнувајќи дека црните кутии се наоѓале во задниот дел на авионот и веќе се предадени на истражителите.
По повод падот на рускиот воен транспортен авион Ил-76 со 65 украински затвореници, 6 руски членови на екипажот и тројца придружници, за денеска во 17 часот по њујоршко време е закажан состанок на Советот за безбедност на ОН, бидејќи претходно, според зборовите на првиот заменик постојан претставник на Русија во Обединетите нации на Дмитриј Полјански, Франција, која претседава со Советот за безбедност на ОН, вчера го одбила барањето на Москва за свикување на седницата.
Вооружените сили на Украина вчераутро соборија воен транспортен авион Ил-76 над регионот Белгород, во кој на размена се превезуваа 65 украински затвореници.
Загинаа сите затвореници во авионот, како и шест членови на екипажот и три придружници – вкупно 74 лица.
Руските вооружени сили соопштија дека непосредно пред падот на воениот товарен авион кој летал од аеродромот Чкаловски кај Москва кон Белгород, од територијата на регионот Харков биле лансирани два украински противвоздушни ракети.
Руското Министерство за одбрана нагласи дека Киев бил запознаен со транспортот на украинскиот воен персонал за претстојната размена, што требаше да се одржи подоцна во среда на границата меѓу регионите Белгород и Суми.
Портпаролот на рускиот претседател Дмитриј Песков не ја коментираше можноста за продолжување на размената на затвореници меѓу Русија и Украина.
Сите информации поврзани со најновите случувања со војната во Украина можете да ги прочитате ТУКА.