Проектот „На патот“ ќе ја развива независната уметничката сцена во Куманово

Сподели со своите пријатели

Локалната акциона група за рурален развој „АБЕР 2015“, која делува на територијата на Куманово, Старо Нагоричане и Липково, преку проектот „На патот/On the road“, со финансиска помош од Швајцарската амбасада, дава поддршка на иновативните уметници и зајакнување на културно-уметничката сцена во регионот.

Loading...

„Проектот содржи две компоненти, прво овозможува услови за работа на младите, самостојни уметници, преку обезбедување на бесплатен простор и материјали за работа во различни медиуми. Помошта не е предвидена само за ликовните уметници, напротив, мултимедијалните проекти ќе имаат предност во обезбедување на подршката. Целта е да се создаде еден културен центар во кој што уметниците од сите области (визуелни уметности, музика, театар и сл.) ќе доаѓаат да се дружат, да творат и да разменуваат искуства. Проектот е замислен да се развива во самиот културен центар, односно да се собираат идеи од уметниците кои што се однесуваат кон заживување на независната уметничка сцена во градот и истите да се реализираат“, – изјави Дејан Георгиевски, директор на проектот.

Втората компонента предвидува промовирање на уметниците во општеството. Преку уметнички проекти кои ќе ги изработат уметниците, а кои ќе бидат поставени и видливи за жителите и минувачите во Куманово, Старо Нагоричане и Липково (т.н. public art), проектот ќе покаже дека уметниците можат активно да учествуваат во разубавување на просторот, збогатување на културната понуда и промовирање на содржините на бизнис заедницата.

„Покрај тоа што уметничките дела ќе претставуваат естетско уживање, ќе се трудиме да бидат и функционални, односно да одговараат на потребите на жителите. Преку овој проект, не само што регионот ќе започне да добива нов, културен лик, туку и вештините на уметниците ќе станат ресурс кој може да се користи за локалниот економски развој. Имаме за цел да покажеме дека знаењата на уметниците можат да бидат искористени за добивање на нов, урбан и модерен изглед на наведените општини, за соодветно рекламирање на малите бизниси (уметнички конципирани билборди, уметничко уредување на ентериерот), за подобрување на туристичката понуда на регионот.

Ги покануваат сите уметници од регионот, да земат активно учество во културниот центар преку своите идеи и дела, а авторите на оние дела кои ќе бидат изберени да се изработат во отворен простор, ќе бидат наградени. За користење на капацитетите на центарот и за учество во проектот, заинтересираните можат да се пријават на тел. 077/522-392.

Leave a Reply