Пред три години напишав колумна која денес се овистинува

Сподели со своите пријатели

Пред три години, за порталот МАКТЕЛ, пишував на тема (Гео) политиката на емоциите – политичкиот страв, понижувањето и надежта во безбедносниот дискурс на Македонија.

Loading...

Денес, не случајно сакам да ја објавам уште еднаш.

Пишува: Гоце Аризанкоски

Францускиот геополитиколог Доминик Моизи пред неколку години ја презентираше тезата за тоа како емоциите ја обликуваат (меѓународната) политика.

Според Моизи, во светот доминираат три емоции: надежта, понижувањето и стравот. Иако неговата теза се однесува на долгорочното геополитичко влијание на наведените емоционални блокови на глобализацијата, сепак, според мојата размисла, низ оваа теориско – методолошка матрица на Моизи можат да се мапираат политичко-партиски детерминираните и безбедносно релевантните емоционални обрасци на политички произведениот страв, односно политичкиот страв, на понижувањето и на надежта во земјава… Овие емоции се амалгамирани низ индикаторите изведени од развојот на внатрешните општествени состојби, надворешно-политичките определби, влијанијата од непосредното и поширокото опкружување и неговите, евентуално, инсталирани и присутни, „политичко-агентурни елементчиња” во земјава, никогаш до крај развиеното јавно мислење, политичко-партиските изјави, (не)скапите архитектонски (квази)стилови, (квази)уметничките продукции, и во врска со нив, (не)присуството на барем мнозинско генуино естетско доживување,  итн…

Во рамките на нашата понова политичка и безбедносна историја, како првично видливи надворешни извори на производство на политички страв и понижување на државата и на граѓаните се негативните реакции од страна на соседните држави на конституирањето на Република Македонија како нова држава на Балканот – конкретно, во земјава се поттикна и се пројавува политички страв околу осигурувањето на основниот национален (државен) интерес, односно зачувувањето/одржувањето и унапредување на државата со сопствен идентитет, како и заштитата на независноста и територијалниот интегритет. Имено, во непосредното опкружување, започнаа и се уште постојат процеси во кои затскриено или откриено се покажуваат големонационални посегања по самостојноста на земјава и по самобитноста на основниот нејзин национален носител, посегања што се особено засилени во сегашниот момент на обусловувањето на нејзината европска и евроатлантска интеграција…

Инсистирањето за промена на името на државата, од некои членки на овие интеграции, не само што ќе го изместува и преобличува државниот идентитет, туку многу лесно може да се претвори во обид за промена на идентитетот на македонската народ, односно нација, а со тоа и на проблематизација на опстојувањето на Републиката како држава; во таа проблематизација, сосема извесно, ќе се вклучат и соседни држави кои не се членки на ЕУ, а кои што меѓусебниот проблем што го имаат околу Косово постојано се обидуваат да го пренесат и на земјава. Се чини дека секоја од соседните држави учествува во спомнатата проблематизација со надеж дека токму оспорувањето на основните белези на државава — името на државата со кое ќе биде признаена на меѓународен план — ќе се пренесе и на нејзиното битие со кое што ќе се појават и можности за некакво оптимално остварување и на нивните стратегиски цели во остварувањето на пошироките големонационални проекти (барем јас, не им го заборавам стравот и понижувањето од противправното воено заземање од страна на српската војска на дел од нашата државна територија („Чупино брдо”), не го заборавам ни атентатот врз претседателот Глигоров и редица други политичко-радикални вооружени и невооружени операции).

Надворешните извори на производство на политичкиот страв се комплементарни со внатрешните извори, при тоа зголемувајќи го неговиот интензитет, кој е правопропорционален на нивото на понижување на граѓаните и државата. Имено, ни се случува(ше) организирано и смислено нарушување — и постојана секуритизација — на меѓуетничките (македонско-албански) односи во облик на типизирани сценарија на вооружена и невооружена безбедносна закана (од „паравојски”, преку „Радолишта”, „Бит-пазар(и)”, „парауниверзитет(и)”, „Гостивар(и)”, па до поединечни терористички напади кои се трансформираа во масовен етнонационалистички тероризам, па повторно поединечни терористички напади, меѓу нив и ѕверскиот масакар кај „Смилковско езеро” со дискутабилни политички и „верски” мотиви итн).

Loading...

Но, „бељиве” по и во државава да бидат потполни и сеопфатни, пред неполн месец (на „црниот” 24/12/2012), латентниот интраетнички и политичко-партиски конфликт се трансформира во политичко-безбедносен факт изразен низ политичко радикални, партиски, но и граѓански нереди, напоредно со нереди во сериозно пореметената, а уставно и основна и највисока демократска институција на земјава, проследена со фактичко суспендирање на нејзината основна, демократски неодменлива и неодминлива функција; со тоа стана јасен претходно започнатиот процес на деформацијата на „рбетот” на државата со што се свитка и оној на целото општество; се виде тепање и други облици на понижување и на народните претставници и на новинарите како претставници на јавноста… Едновремено, различни политичко-партиски и други субјекти развиваа различни сомнежи за (зло)употребата на делови од државните институции; истите субјекти, на различен начин развиваа „сомнежи” и/или сомнежи за насилно уривање на уставниот поредок, или отсуство на истото, од една страна се обвинуваше владата дека формирала кордони за заштита на власта ама не и на државните институции, а од другата страна се обвинуваше опозицијата дека сака да ја приграби власта по насилен пат…

Особено произведува политички страв фактот што овој деструктивен и насилен политички процес (со својата кулминација на 24/12/2012) е комплементарен и со други процеси со мистична, мрачна, ирационална и сомнителна суштина (најверојатно, не сите, но одредени нејасни решенија од процесот на лустрацијата; (до)создавањето на простор за стимулирање на „комшиското” влијание и (о)ставање на земјава во регионалната сфера на неприфатливо политичко, економско, безбедносно и културолошко влијание на соседите во истото време кога тие бараат од нас добрососедство итн). Не земајќи ги предвид и скриените опасности на политички обликуваното секојдневие, би констатирал дека политичко-безбедносниот простор во земјава, меѓу другото, е исполнет и со испреплетени безбедносно релевантни и политичко-психолошки елементи амалгамирани во комбиниран и сложен културен образец чија структура ја сочинуваат различни извори и појавни облици на политички страв и понижувања, како и обиди за достигнување на оптимално ниво на надеж за сеопфатна заштита од надворешни и внатрешни закани и ризици (обиди за евро- и атлантски интеграции, обиди за редуцирање на перманентната нестабилност на земјава итн).

Но, меѓу другите погубни последици од комплементарното производство на политички страв од внатрешни и надворешни извори, најмногу плашат и загрижуваат следниве каузално поврзани и неповолни политичко-психолошки и безбедносни последици. Имено, во рамките на можното (и непосакуваното!), веројатно е развивање на масовна политичка виктимизација која својот најразорен исход ќе го постигне тогаш кога многумина од понижените македонски граѓани ќе набљудуваат (буквално!) сè од перспектива на стравот (произведен од „невидливи” или видливи насилни и ненасилни политички, економски и социјални процеси); е, токму тогаш, веќе утврдената феноменологија на политичкиот страв ќе овозможи негово трансформирање во „заразна болест” – кога одредени граѓани ќе се уплашат и страдаат од конкретно дејствување/влијание на власта или друг (внатрешен и/или надворешен) политички субјект, тој страв е склон да се  прошири и на другите, а тие, пак, го шират понатаму…

Во тој контекст, веродостојна е констатацијата на Франсис Бекон: „dolendi modus, timendi non item” („страдањето има граници, стравот нема”).

Згора, без разлика дали постојат стварни достаточни, рационално разбирливи причини на политичкиот страв, истиот создава основи за ирационално политичко размислување кое пак произведува основа за безбедносно-загрозувачко однесување, пред се, во облик на политичко насилство. Еднакво опасно на ова однесување, е ако на политичкиот страв — или на обидите за негово производство (од страна на власта или друг политички субјект) – се одговори со бекство и индиферентност на граѓаните, наместо со активна ненасилна одбрана комбинирана со развивање и остварување на политичко-психолошкиот и безбедносен концепт на надежта за сеопфатна заштита од надворешни и внатрешни закани и ризици. Овој (витално потребен) концепт на надеж, не претставува состојба на пасивно и нереално очекување, туку активна состојба која подразбира изнаоѓање на најпогодни патишта со мотив за остварување на трајната и витална цел – (до)достигнување, (до)развивање и одржување на Република Македонија како мирна, безбедна и правна држава, со отсуство на (евентуално присутна?) „комшиска” политичка (о)позиција, кога и да е!

Заклучувајќи го овој „политичко-патетичен”, но безбедносно релевантен оглед за релацијата помеѓу емоциите, политиката и безбедноста, спротивно на една позната филмска реплика, колоквијално би порачал: „…Не ме тепај и не пукај бе веќе, брату/сестро, па заедно (ако може и без комшиски сеир и не-саглам влијание), непонижени, неистепани и живи да се надеваме, да се заложиме и, конечно, да дејствуваме за подобра Македонија…”


Comments are closed, but trackbacks and pingbacks are open.