Пожарникарите втор ден продолжуваат со гаснењето на пожарите во Грција

Сподели со своите пријатели

Пожарникарите во Грција втор ден продолжуваат да се борат со огнот на четири фронта, а повеќе од илјада деца се евакуирани од летен камп, бидејќи пожарите кои избувнаа вчера се уште траат.

Loading...

Противпожарните и спасувачките тимови, како и армијата во Грција, се обидуваат да ги локализираат пожарите кои избувнаа на повеќе локации, во источна Атика, Капарела, Лутраки и Дервенохорија, пишува „Катимерини“.

Најтешка е ситуацијата во Дервенорија, каде што непристапниот терен со засилен ветер и екстремните временски услови кои се очекуваат и денеска не дозволуваат ограничување на фронтот, бидејќи станува збор за густа шума која го поттикнува ширењето на пожарот, пишува грчкиот весник.

Во крајбрежниот град Лутраки, западно од Атина, 1.200 деца се евакуирани додека пожарот се приближил до нивниот камп, јавува Би-Би-Си.

Полицијата уапси маж осомничен дека подметнал нов пожар во Куварас, Атика, југоисточно од грчката престолнина.

Пожарите дополнително ги разгорува силниот ветер, а стотици пожарникари се обидуваат да го спречат ширењето на пожарот.

Десетици луѓе мораа да ги напуштат своите домови во пошироката област со помош на екипи за итни случаи, а грчката влада соопшти дека оние чии домови беа погодени од пожарите имаат право на сместување во локални хотели и подоцна ќе бидат обесштетени.

Пожарите го загрозија сообраќајот во некои области, а полицијата беше принудена да затвори делови од националниот автопат Атина-Коринт.

Loading...

Обновени се и одредени линии на железничкиот сообраќај.

Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис, кој во моментов е во Брисел на самитот, изјави дека земјата прави се што е можно да помогне.

„Денес во суштина е првиот тежок ден од ова лето. Без сомнение ќе следи повеќе. Шумски пожари се случија и ќе се случуваат. Тоа е и еден од ефектите на климатската криза што сè повеќе ја доживуваме“, рече Мицотакис.

Според прогнозите, силниот топлотен бран што го зафати регионот не покажува знаци на стивнување, а грчката метеоролошка служба предупреди дека ризикот од нови пожари останува висок.