Повеќето француски граѓани размислуваат да ги бојкотираат американските брендови за да го изразат своето незадоволство од новата американска администрација, која не покажува пријателски однос кон Европа.
Според анкетата спроведена од Ifop, 57 отсто од Французите изјавиле дека се подготвени да ги бојкотираат американските производи и услуги во наредните месеци, додека перцепцијата за Америка кај француската јавност падна на најниско ниво во последните четири децении.
Како што трансатлантските односи се влошуваат по доаѓањето на Доналд Трамп на власт, економскиот патриотизам во Франција продолжува да расте, пишува Politico.
Поддршката за домашните компании и желбата да се казнат американските бизнисмени кои го поддржуваат Трамп се главните причини за овој бојкот, покажува истражувањето.
Речиси една третина од испитаниците, 32 отсто, веќе ги бојкотираат американските брендови, особено Кока-Кола и Мекдоналдс, додека тој број би можел да се зголеми – 26 отсто од Французите изјавиле дека „дефинитивно“ ќе ги бојкотираат американските производи во наредните месеци, а 31 отсто изјавиле дека „најверојатно“ ќе го сторат тоа.
Најтаргетирана е компанијата Тесла, а потоа следат марките Jeep, социјалната мрежа X и Victoria’s_Secret.
Франција е третиот најголем трговски партнер на САД во Европа, но економските односи меѓу двете земји се под притисок откако Вашингтон започна трговска војна.
Во последната ескалација на трговскиот спор, администрацијата на Трамп конкретно ја насочи Франција, заканувајќи се дека ќе воведе царини од 200 отсто за шампањ, вино и алкохолни пијалоци, кои главно доаѓаат од француските производители.