Зеленилото и дрвјата го продолжуваат животот на луѓето кои живеат во населби опкружени со дрвја и трева, тврдат шпанските научници.
Жителите во градот живеат подолго ако живеат во позелени населби, според студијата што ги поврзува зелените зони со пониска стапка на прерана смрт.
Студијата објавена во списанието Лансет – Глобал здравство заклучува дека во градовите, од Барселона во Шпанија до Перт во Австралија, зголемувањето од 10 проценти на зелените места ја намалува предвремената смрт за четири проценти.
Дрвјата во градовите го ладат и чистат воздухот, апсорбирајќи ги стакленичките гасови кои се главните виновници за глобалното затоплување.
Научниците од Институтот за глобално здравје во Барселона велат во наодите на студијата дека дрвјата во градот го намалуваат ризикот од прерана смрт.
– Повеќе зеленило значи повеќе здравје. Луѓето живеат подолго ако се опкружени со зелени површини – посочува Марк Нивенхујсен, директор на Институтот за урбанистичко планирање, животна средина и здравје.
Студијата користела податоци од девет други истражувања и опфатила повеќе од осум милиони луѓе во седум земји од Канада до Кина.
Сателитските слики се користеле и за мерење на вегетацијата, која вклучува дрвја, ливади и грмушки на 500 метри од домовите на жителите.
Нивоата на вегетацијата биле измерени со системот за индексирање на вегетацијата NDVI.
Луѓето вклучени во студијата биле следени неколку години, а во сето тоа вклучени рани смртни случаи предизвикани од срцеви и респираторни заболувања.
ООН проценува дека две третини од светското население ќе живее во градовите до 2050 година, а како резултат на тоа, многу градови бараат да ги зголемат зелените површини.
Така, властите на градот Меделин, Колумбија, засадија илјадници дрвја за да формираат „зелени коридори“ долж главните сообраќајници.
Мелбурн, исто така, има за цел да ги удвои зелените куполи, кои ја сочинуваат крошна на дрвјата, до 40 проценти до 2040 година.