Потрошувачите безбедни при купување од е-трговци, да не се практикува купување преку ФБ

Сподели со своите пријатели

Плаќањето и купувањето на интернет се безбедни, ризикот е при нарачка од небезбедна веб страница. Потрошувачите нема да бидат злоупотребени доколку купуваат од е-трговци што ги исполнуваат сите норми, а знакот кој укажува и по кој може да се препознае безбедна веб страница е https://. Законот ги штити потрошувачите и е-купувачот има свои права, но само од легална веб продавница.

Loading...

Дека е безбедно купувањето и плаќањето уверуваат и од банките и од Асоцијацијата за е-трговија.

Од Асоцијацијата е-трговија за МИА велат дека безбедноста во е-трговијата е навистина на високо ниво.

– Ако земеме од аспект на е-плќање, платежните процесори посветуваат големо внимание на безбедноста. Се користат енкритпирани податоци, како и 3D Secure code (MasterCard Secure Code и Verified by Visa). Работата на платежните процесори е контролирана од меѓународните картични организации и тоа е еден од условите за да се добие, но и задржи лиценцата на процесорот. При воспоставување интероперабилност на софтверот за нарачки на интернет трговецот и софверот за плаќање на платежниот процесор се внимава на стандардите за размена на податоци и безбедноста на истите, односно е-трговецот нема пристап до податоците од картичката со која се врши плаќање, истакнува за МИА Виктор Стојкоски, генерален секретар на АЕТМ.

Според него практично веројатноста дека некој може да ја злоупотреби вашата картичка е иста со тоа доколку го изгубите паричаникот и некој друг човек го пронајде и злоупотреби. – Речиси невозможно, потенцира тој, бидејќи вие можете во истиот момент кога ќе сфатите дека ја немате картичката – истата да ја блокирате.

– Ние со сигурност можеме да кажеме дека е-купувачите не може да бидат злоупотребени кога се купува од е-трговци кои ги исполнуваат сите норми, бидејќи законот ги заштитува потрошувачите и е-купувачот во рок од 14 дена има право да побара рефундација или замена на производот доколку не е задоволен од претходно доставениот производ, вели Стојкоски, кој ги охрабрува граѓаните да купуваат онлајн од легалните е-трговци, да се запознаат со нивните права и да не го практикуваат купувањето преку Фејсбук, бидејќи самите граѓани се заштитени во е-продажба кога купуваат од легално регистираните правни субјекти.

Е-трговецот е должен на потрошувачот јасно да му ги прикаже карактеристиките и цената на производот или услугата кои ги продава, да го објави трговското име, на видно место да прикаже адреса, телефонски број и е-маил, како и да го информира за правото на рефундација.

Во текот на минатата и оваа година во земјава се регистрирани 14 кривични дела во оваа област.

Loading...

Статистиката на Министерството за внатешни работи покажува дека во текот на 2019 година се регистрирани вкупно 12 кривични дела „компјутерска измама“, со кои причинета е материјална штета од 36,3 милиони денари. По преземени мерки и активности расветлени се 58,3 отсто од кривичните дела, за што поднесени се кривични пријави против девет сторители.

За годинава податоците на Министерството за внатрешни работи, што ги доставија до МИА, до септември се регистрирани две кривични дела „компјутерска измама“, со причинета материјална штета од 160 илјади денари, а во врска со настаните се преземаат мерки и активности за нивно расветлување.

И од банкарскиот сектор ги уверуваат граѓаните дека им овозможуваат безбедно електронско плаќање, но ги советуваат да купуваат од проверени веб страници.

– Охридска банка АД Скопје на своите клиенти им овозможува врвна и безбедна услуга во сферата на електронските плаќања. Банката има на располагање платформа за електронско банкарство, како за физички, така и за правни лица, сопствена мобилна апликација „Моја Банка“ наменета за физички лица, како и широк спектар на платежни картички дебитни и кредитни, моделирани според различните потреби на своите потрошувачи. Банката ги има имплементирано врвните стандарди за заштита при онлајн купување, 3D Secure технологијата со која се врши дополнителна автентикација на клиентот преку еднократна лозинка која се испраќа по СМС и со која се потврдува плаќањето. Со воведувањето на оваа технологија значително е пораснат бројот на онлајн трансакции, бидејќи клиентите се чувствуваат безбедни при онлајн плаќање со својата картичка. Истовремено, драстично е и намален бројот на злоупотреби на податоци од картичките, истакнуваат за МИА од Охридска банка.

Она што порачуваат на клиентите е да купуваат на проверени веб страници, да внимаваат на веб адресата (безбедните веб страници почнуваат со https, наместо http) и пожелно e веб страниците каде се извршува плаќањето да бидат 3D Secure. Страните кои го подржуваат овој сервис, појаснуваат, задолжително ги имаат логоата од MasterCard (MasterCard ID Check) и VISA (Visa Secure) при плаќањето.

Доколку сепак граѓаните се соочат со нејаснотии во однос на начинот на реализирање на електронски плаќања или пак можеби од невнимание  направат трансакции на небезбедни веб страници, појаснуваат дека банките како спроводници на електронските плаќања и промотори на е-алатките за плаќања во континуитет се обидуваат да ги информираат и едуцираат клиенти за што е она што е најважно во електронската трговија, на што да внимаваат и како да се заштитат од евентуални злоупотреби.

– Доколку клиентот на Охридска банка воочи дека направил трансакција со својата картичка на небезбедна веб страница, потребно е да го пријави тоа на телефонскиот број за поддршка на картички за да ја блокира картичката. Телефонскиот број за контакт е достапен на www.ohridskabanka.mk , на мобилната апликација „Моја Банка“, како и на задната страна на самата платежна картичка, појаснуваат од банката и потенцираат дека треба да се користат дополнителните механизми за безбедни плаќања кои ги нудат, како СМС известувањата за реализирани трансакции, како и мобилната апликација „Моја Банка“ која има push нотификации, каде во случај на злоупотреба клиентот веднаш би бил известен, би воочил и би реагирал.

Е-трговијата особено бележи раст во услови на пандемијата. Таа ги смени навиките на потрошувачите, кои се повеќе се ориентираат кон е-трговијата. Раст бележи и бројот на регистрирани онлајн продавници и бројот на плаќања на граѓаните преку интернет. Потрошувачката се очекува да бележи раст, имајќи ги предвид новогодишните и божиќни празници.

Loading...

Податоците на Народната банка покажуваат дека во јуни оваа година, има висок годишен раст на бројот на плаќањата на граѓаните со платежни картички на интернет, од 168 отсто, што е за седум пати повисоко од годишниот раст (од 24 отсто) во истиот месец од минатата година. Забележано е зголемено користење на електронското банкарство од страна на физичките лица при што бројот на електронски кредитни трансфери во јуни 2020 година има зголемување за 34 отсто на годишна основа. Притоа граѓаните значајно ги користеле мобилните телефони за извршување на плаќањата имајќи предвид дека во овој сегмент се забележува висок годишен раст од 81 отсто (во јуни 2020 година). Граѓаните исто така поинтензивно ги користеле и персоналните сметачи, при што бројот на плаќања иницирани со персонален сметач во јуни 2020 пораснал за 20 отсто на годишна основа.

Зголемување е забележано и кај вредноста на онлајн трансакциите што граѓаните ги направиле кон домашните е-трговци. Како што беше изнесено на последната Годишна конференција за е-трговија во вториот квартал од 2020 година таа бележи раст од 177 отсто.

Забележително е дека населението во земјава не поседува дигитални вештини, во таа насока вклучените во оваа сфера преземаат повеќе активности и кампањи за подигање на свеста на населението.

МВР, преку Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика, во соработка со Европол и „Стопанска Банка“ АД Скопје, заедно со Европскиот центар за компјутерски криминал на Европол и Советот за заштита на трговците од ризик, се вклучени во кампања која претставува заедничко јавно-приватно партнерство на органите надлежни за спроведување на законот, трговските субјекти и финансискиот сектор, за справување со организирани криминални групи кои вршат лажни купувања на интернет, притоа предизвикувајќи значителни финансиски загуби.

Кампањата е во насока подигање на свеста за измами при купопродажба на интернет, а ја спроведуваат земјава заедно со 16 други земји под покровителство на Акцијата за е-трговија за 2020 година предводена од Европол и австриската Служба за криминалистичко разузнавање, насловена како #SellSafe (продавај безбедно) и #BuySafePaySafe.

Дополнително Асоцијацијата за е-трговија на Македонија, во изминатиов период преку иницијативата Ecommerce4all која се реализира со поддршка на проектот за развој на деловниот еко-систем на УСАИД, активно работеше да ги запознае е-трговците, но и е-купувачите со своите права и обврски при е-трговија. Така, купувачите треба да се свесни и да знаат дека во онлајн трговијата се заштитени само ако купуваат од легални правни ентитети, но не и од фејсбук продавачи.

Сузи Котева Стоименова

Leave a Reply