Во објектот „Синоличка“ на кумановската градинка „Ангел Шајче“ денеска беа поставени специјализирани контејнери за собирање отпад од текстил.
Со ова започна акцијата за поставување на вакви контејнери на 15 локации во општината.
– Избрани се точки поради заштита на самите садови за одлагање во околу седум градинки, основните училишта и на одредени критични точки како Пожарна, „Кошеви“ во населбата Гоце Делчев, а се разгледуваат дополнителни локации кај што тие садови ќе бидат заштитени се со цел да направиме извесна селекција на отпад од текстил, ако се земе предвид дека имаме за електричен отпад и пластика, изјави Ненад Стојановски, директор на ЈП „Чистота и зеленило“.
Претседателката на Советот на Општина Куманово Ивана Ѓорѓиевска апелираше да се користи ваквиот проект, да не се дава облека на ранливи категории, оти тоа го прави Црвен крст кој има доволно залихи на облека.
– Црвен крст е полн со гардероба и нема потреба да носат облека таму, имам информации такви, но еве многу пунктови поставени за селекција на текстил. Нека не даваат на социјалните случаи, затоа што го имаат Црвениор крст, туку нека доставуваат тука за да бенефит имаат секој, вклучувајќи не и нас да си ја исчистиме застарената гардероба, изјави Ѓорѓиевска.
Активноста се спроведува во соработка со колективниот постапувач со отпад „Еко ТЕКС-ГРУП“ ДООЕЛ – Скопје, регистриран во Министерството за животна средина и просторно планирање.
– Имаме склучено досега 13 договори со општини кои се покажаа како општествено – одговорни, меѓу кои еве и Општина Куманово. Ја поздравувам нивната иницијатива и нивното барање за склучување на договор. На нивно барање се поставуваат 15 контејнери, од кои 10 на македонски јазик, а другите со двојазичен јазик за да се информираат и граѓаните од друга етничка заедница, изјави Фирус Мемед, претставник на компанијата „Еко текст- груп“.
Како што додава посебни компании ќе го транспортираат, одлагаат и рециклираат отпадот кој првин ќе се селектира, а 90 отсто од собраните материјали ќе се рециклираат, а 10 отсто ќе се користи како енергенс за затоплување.
– Ланската година собравме околу 400 тони текстилен отпад. Не е голема бројка, но не е ни мала, тоа не е само преку општините, имаме договор со сите компании кои прозведуваат текстил, конфекции кои произведуваат, друштва кои тргуваат, наши клиенти се и Ваикики и Зара и сите водечки компании во Македонија и со нив имаме прекрасна соработка, изјави тој.
Отпадот од текстил, како што посочуваат надлежните, ќе биде третиран согласно законските прописи и ќе се испраќа на понатамошна селекција и преработка.
Никола Ивановски