Поскапува членарината во кумановската библиотека

Сподели со своите пријатели

Љубителите на книгата и основците и средношколците ќе плаќаат повисока цена за членарина во кумановската библиотека „Тане Георгиевски.

Loading...

Советот на Општина Куманово денеска ја изгласа предлог одлуката со која членарината се покачува за 50 денари. Така оние кои досега за членството плаќале 200 денари ќе плаќаат 250, а оние кои членарината ги чинела 100 денари ќе плаќаат 150 денари за услугата.

Причина за поскапувањето како што истакна директорката Христина Алексовска е повисоката цена на струјата, но и зголемените трошоци за плати предвидени со колективниот договор.

– Библитеоката секоја година наназад има блок дотација која е наменета за плати и трошоци. Со зголемување на плати со колективен договор и струјата, библиотеката мора минимално да ги покачи цените на услуите. Направена е анализа. Се консултирав со сите библиотеки во Македонија, има секаде зголемување на цените, симболична цена за 50 денари да се зголеми не е голема сума, појасни директорката Алексовска.

Во изминатиот период не работеше читалната на библиотеката поради ограничувањето од 30 отсто од капацитетот предвидено со анти-ковид мерките.

– Читалната треба да биде пополнета 30 отсто што значи дека од 23 места само 6 до 7 места треба да бидат пополнети, вели директорката, која потенцира дека во понеделник се очекува истата повторно да им биде достапна на членовите.

Советникот од СДСМ Александар Јовановски упати критики дека не се затоплува детскиот оддел на библиотеката, поради што корисниците доаѓаат во студени простории, а вработените мора да работат во нив ризикувајќи си го здравјето.

Директорката појасни дека делот каде се вработените е многу мал и се затоплува со грејалка, а ходникот не се затоплува, оти нема потреба и се штеди.

Loading...

– Имавме проблем со струја во оделот за деца, рековте дека нема греење. Тоа место каде што работат вработените е веќе како оваа соба тука, со една грејалка може да се грее, ходникот го исклучивме затоа што нема потреба да се грее. Ако мислите дека вработените се без греење, не сте во право. Ја гледаме ситуацијата со струјата, малку да излеземе на крај со ова, појасни Алексовска.

За критиката од советникот Јовановски дека минатата година била направена само една промоција на книга и младите немале можност да се дружат со авторите, Алексовска вели дека тоа е поради ограниченоста на просторот и мерките со кои се предвидува само 30 отсто исполнетост на капацитетот.

– Сите ја знаете библиотеката, делот на влезот каде се вршат промоции, ако тука исполниме 30 отсто од капацитетот само 10 души треба да поканиме на промоција како би изгледало тоа, само ние вработени сме 5-6 со пет души да се врши промоција мислам дека нема смисла и затоа не го правиме, рече таа.

Алексовска вели дека во делот на популаризација на книгата и читањето секоја година се прават иницијативи да се зголеми бројот на работилниците, а во моментот оди и патувачкиот караван во училиштата.

– Како одиме во руралните средини во училиштата добиваме изјави да ги зачленуваме читателите, нови членови од руралните средини. Ќе имаме подвижна библиотека која ќе им носи книги и мислам дека тоа подобро ќе влијае и на некој начин бројот на читатели ќе се зголеми, вели Алексовска.

Инаку во текот на изминатата година библиотеката „Тане Георгиевски“ за набавка на нови книги потрошила 1,4 милиони денари.

Никола Ивановски