Русија ги произведе првите нуклеарни боеви глави за суперторпедото Посејдон што ќе бидат распоредени на нуклеарната подморница Белгород, објави во понеделникот ТАСС, повикувајќи се на анонимен извор од одбраната.
„Првите количини оружје за Посејдон се произведени и подморницата Белгород ќе ги добие во блиска иднина“, открил изворот за ТАСС.
И американските и руските официјални лица го опишаа Посејдон како нова категорија на одмазднички оружја, способни да ги направат градовите непогодни за живеење.
ТАСС објави дека главните компоненти на Посејдон, вклучително и нуклеарниот реактор кој го обезбедува торпедото со сопствен извор на енергија, се успешно завршени.
Екипажот на нуклеарната подморница „Белгород“ ги заврши и тестовите со модели на торпеда, пренесе ТАСС.
„Неуништливо оружје“
Рускиот претседател Владимир Путин го најави таканаречениот Посејдон во 2018 година.
Тој го опиша како нов тип на стратешко нуклеарно оружје со сопствен извор на нуклеарна енергија.
Во говорот пред пет години, Путин рече дека опсегот на торпедото ќе биде неограничен и дека може да работи на екстремни длабочини со брзини многу пати поголеми од која било подморница или друго торпеда.
„Тие се многу тивки, имаат висока способност за маневрирање и практично се неуништливи за непријателот. Во денешниот свет не постои оружје што може да им се спротивстави“, рече Путин.
Иако малку се знае за Посејдон во јавноста, тој во суштина е вкрстување на торпедо и беспилотно летало кое може да се лансира од нуклеарна подморница, пишува Телеграф.
Минатата година руската телевизија емитуваше анимирано видео на кое се гледа како торпедото Посејдон може да ја „потоне Британија“, а пропагандистите на Путин од почетокот на војната често се закануваа дека ќе го нападнат Лондон со него.