Владата на Португалија препорача 43 локални заедници привремено да ги зголемат цените на водата за најголемите потрошувачи и да го прекинат чистењето на улиците, наводнувањето на јавните паркови и градините, бидејќи земјата се бори со невидена суша, пренесува Ројтерс.
Целото копно на Португалија се бори со силна или екстремна суша по топлотниот бран во последните месеци, соопшти тамошниот метеоролошки институт IPMA.
Министерот за животна средина Дуарте Кордеиро во средата објави дека од 61 брана во Португалија, 10 се во критична ситуација, со волумен на складирана вода под 20 отсто од нивниот капацитет.
Овие речиси суви брани снабдуваат 40 општини во северниот и централниот дел на земјата, а три се во регионот Алгарве, кој „живее“ од туризмот.
Иако земјата како целина има доволно вода во своите акумулации за двегодишна потрошувачка, 10 региони се во критична ситуација и немаат доволно вода за една година, рече Кордеиро.
Португалскиот министер изјави дека за 43-те најтешко погодени општини владата препорачала во периодот на најголема суша да ја зголемат цената за домаќинствата и компаниите кои трошат повеќе од 15 кубни метри вода месечно.
Тие, исто така, треба „привремено да ја прекинат употребата на вода што не е неопходна, односно за миење улици и наводнување зелени површини, како и во украсни фонтани и базени“, рече министерот, додавајќи дека владата ќе помогне да се обезбеди брзо спроведување на овие мерки.
Кордиеро нагласи дека „секогаш постои законска можност Владата да донесе мерки со поголема сила од препораките, иако тоа засега не е неопходно“, бидејќи, како што рече, општините се подготвени да дејствуваат.
Португалија има вкупно 278 општини и тие се одговорни за снабдувањето со вода на населението, наведува Ројтерс.