Португалија: Поради поскапување на храната, 40 отсто повеќе кражби

Сподели со своите пријатели

Во Португалија, бројот на кражби во продавници може да скокне за 40 отсто во споредба со минатата година, бидејќи жителите крадат конзервирана риба, масло, леб, кафе и друга основна храна поради зголемените цени на храната, пишува португалскиот неделник Expresso, повикувајќи се на официјални податоци.

Loading...

„Овој феномен е особено изразен во големите градови како Лисабон и Порто“, рече Гонкало Лобо Ксавиер, претседател на Португалската асоцијација на дистрибутивни компании (APED).

„Нема сомнеж дека луѓето ги крадат овие работи за да можат да јадат. Ова е прв знак за тешка социјална криза“, додаде тој.

Португалската полиција соопшти дека од јануари до јуни биле пријавени 452 кражби во супермаркети.

Доколку продолжи овој тренд, тоа ќе биде зголемување од 40 проценти во однос на минатата година.

Луѓето погодени од поскапувањата крадат и замрзната риба, особено бакаларот, кој традиционално се јаде во Португалија, земја со 10,3 милиони жители на брегот на Атлантикот.

Од полицијата велат дека многу продавници не пријавуваат ниту кражба на прехранбени производи како компири, но се повеќе продавници имаат вградени алармни системи.

„Во последните два-три месеци сведоци сме на значително зголемување на кражбите. Ги избираат луѓе кои повеќе не можат да опстанат со своите плати“, вели Клаудио Фереира, претседател на здружението на приватни компании за обезбедување.

Loading...

„Луѓето се очајни. Тие кријат кутии млеко и конзервирана риба во нивните чанти или јакни за да ја изедат или да им ја дадат таа храна на своите деца“, додава тој.

Цената на просечната прехранбена кошница, која се состои од 63 основни производи, минатата недела достигна највисока цена годинава.

Сега чини 214 евра, што е за 30,67 евра повеќе отколку во февруари, пред војната во Украина, објави здружението за заштита на потрошувачи „Деко Протесте“.

Цените на храната поскапеа во просек за 17 отсто, а галопирачката инфлација се повеќе ја погодува средната класа, која исто така се соочува со поскапување на струјата и бензинот.

На работ на сиромаштија се 1,9 милиони жители со приходи помали од 554 евра месечно.

Португалскиот претседател Марсело Ребело де Соуса на прашањето за објавениот текст рече дека „одвреме-навреме се појавува оваа или онаа вест“.

„Но, тоа не е општа ситуација. Повеќето Португалци се однесуваат примерно, дури и беспрекорно, и покрај кризата“, истакна тој.

Тој, сепак, додаде дека сиромаштијата е „фундаментален проблем“ на португалското општество и дека уште пред почетокот на војната во Украина била усвоена стратегија за борба против сиромаштијата во Португалија до 2030 година.

Loading...

Сите информации за економско-енергетската криза во Македонија, регионот и светот можете да ги прочитате ТУКА.