Поранешен советник на Трамп одби да одговори на многу прашања поставени од конгресна Комисија

Сподели со своите пријатели

Поранешниот главен советник на претседателот на САД Доналд Трамп, Стивен Бенон, одби да одговори на многу од прашањата кои му беа поставени на втората средба зад затворени врати на Комисијата за разузнавање на американскиот Претставнички дом.

Претставниците на републиканците и демократите во Комисијата, Мајк Конавеј и Адам Шиф изјавија дека Бенон се согласил да одговори на само 25 прашања, одобрени од Белата куќа.

Тој се повика на привилегијата на извршната власт да одбие да даде информација за да го заштити јавниот интерес, но се повика и на специјална заштита која се однесува на комуникациите на Белата куќа.

– Тој не одговори на сите прашања на кои сакавме да добиеме одговор и некои членови на Комисијата беа многу разочарани, изјави Конавеј, кој ја води истрагата за наводното мешање на Русија во претседателските избори во САД во 2016 година.

Демократот Шиф пак надласи дека Бенон одбил да одговори „на речиси сите прашања“.

– Тврдењето за опсегот на извршната привилегија е неверојатно и неподдржано и, навистина, понекогаш, тоа беше смешно, изјави Шиф, дополнувајќи дека привилегијата на извршната власт не функционира така.

Шиф побара да се почне процедура против Бенон за непочитување на Конгресот. Конавеј изјави дека не зависи од него дали ќе биде почната таква процедура, но потенцираше дека според него, Бенон траба да одговори на прашањата. /МИА

Leave a Reply