Полски министер: Русија да не „плаче“ ако нејзините авиони бидат соборени

Сподели со своите пријатели

Полскиот министер за надворешни работи Радослав Сикорски ѝ порача на Москва да не се жали во Обединетите нации ако руските ракети или авиони се соборени откако влегле во воздушниот простор на НАТО.

За време на вонредната седница на Советот за безбедност на ОН, одржана по повод неодамнешниот инцидент над Естонија, тој истакна дека полската страна е јасна во своите ставови:

„Доколку друга ракета или авион влезе во нашиот простор без дозвола и биде соборен, не доаѓајте тука да се жалите за тоа. Предупредени сте“.

Случајот во Естонија се случи на 19 септември кога три руски воени авиони наводно го нарушиле воздушниот простор на балтичката земја, пред да бидат пресретнати од италијански ловци Ф-35.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Уапсени руски агенти во Молдавија, обучувани во Србија

Инцидентот следува по соборувањата на беспилотни летала во Полска и Романија претходно овој месец, со што се зголеми нивото на тревога во рамките на НАТО.

Во исто време, полскиот премиер Доналд Туск најави решителни мерки во случај на повреда на територијата.

„Ќе се донесе одлука за соборување на секој непријателски објект што ќе влезе во нашиот воздушен простор – без никаква дискусија“, рече тој.

Во Њујорк, Сикорски остро ја критикуваше Москва, обвинувајќи ја за „луд национализам“ и стремеж кон доминација.

„Вашата империја нема да биде обновена, ерата на империите е завршена“, рече полскиот министер.

Честите инциденти ѝ послужија на Европската Унија да иницира дискусии за формирање на таканаречениот „ѕид против беспилотни летала“, кој би служел за одбрана на источната граница на Европа од потенцијални закани од Русија.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  На барање на Естонија, утре заседава НАТО

Седумте земји-членки ќе разговараат за тоа во петок на онлајн состанок со Европската комисија и Украина.