Полицијата ја одвлече Грета Тунберг од влезот на шведскиот парламент

Сподели со своите пријатели

Климатската активистка Грета Тунберг и другите демонстранти кои го блокираа влезот на парламентот на земјата беа насилно одвлечени од шведската полиција, изјавија двајца очевидци за Ројтерс.

Loading...

Двајца полицајци ја подигнаа Тунберг и ја однесоа на околу 20 метри подалеку од вратата што ја блокираше пред да ја спуштат на земја.

Во понеделникот таа заедно со уште 50 активисти го блокираше влезот на шведскиот парламент за да покаже дека земјата ја игнорира климатската криза.

Со ова активистите ги спречија шведските пратеници да влезат во зградата, на денот кога беше подигнато шведското знаме пред седиштето на НАТО во Брисел, пренесува Гардијан.

Во таа прилика Тунберг истакна дека Шведска целосно ја игнорира климатската криза и мами и лаже за да се претстави како да прави доволно и да се движи во вистинската насока, додека се случува токму спротивното.

Таа ја обвини државата дека се занимава со „гринвошинг“, односно создава изглед дека некој се занимава со заштита на животната средина, иако всушност тоа не го прави.

„Шведска е особено добра во гринвошинг и се претставува како лидер во климата, иако имаме многу високи емисии по глава на жител“, рече Тунберг.

Таа додаде дека моќните луѓе лакомо бараат краткорочни профити на сметка на човечкиот живот и на планетата.

Loading...

Тунберг, исто така, рече дека целта на вчерашниот протест е да се истакне како „луѓето на власт ги игнорираат најранливите, активистите и младите луѓе и науката“ и ги обвини политичарите дека наместо тоа, „приоритизираат краткорочен економски профит“, што „жртвува човечки живот и планета во име на алчноста“.

Таа истакна и дека ова е прв ваков протест во Шведска, иако слични акции имало и на други локации низ светот.

„Луѓето на власт не слушаат, тие активно ги игнорираат и ги замолчуваат оние што зборуваат“, рече Тунберг.

Според извештаите, на протестот присуствувале и научници кои се занимаваат со климатските промени.